По вчерашниот договор во Вила Водно

Предвремените избори пак ќе го одложат пописот, а изгледа и промените во изборниот модел

Вчерашниот договор на лидерите на политичките партии на средбата кај претседателот на државата за предвремени парламентарни избори најверојатно повторно ќе го одложат спроведувањето на пописот на населението во Македонија (договорен за април наредната година), а по сѐ се чини дека нема да има ништо и од реализацијата на препораките на ОБСЕ/ОДИХР за промени во изборниотмодел.

Вчера, по лидерската средба речиси сите претседатели на партиите оценија дека многу е тешко пописот да се одржи пролетва и дека најреално ќе биде тој да се одржи по изборите или во 2021 година.

На вчерашната лидерска средба беше договорено дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 12 април.

„Мојот став е дека во 2020 година пописот треба да биде направен. Може да го направиме после изборите, а ако е подготвен Државниот завод за статистика и пред изборите“, рече премиерот Зоран Заев.

Христјан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа изјави дека за нив пописот е статистичка операција, а не политички договор и малку е неправилно тој да се направи на крајот на декадата. „Не гледам логично објаснување наредната година да имаме попис. Мислам дека тоа треба да се направи на почетокот на наредната декада, односно во 2021, како што тоа го прават сите европски земји“, рече Мицкоски.

За лидерите на политичите партии од албанскиот блок во Македонија, пописот треба да биде спроведен по завршување на изборите.

Во однос на реформите во изборниот модел, промена во бројот на изборните единици, според Заев СДСМ останува на тоа дека тие се една изборна единица и дека тоа може да биде договорено и пред изборите.

Мицкоски не смета дека е тоа можно пред изборите и вели дека таа задача ќе треба да остане за наредниот изборен циклус.

Од 3 јануари 2020 ќе имаме нова, техничка влада, нов премиер од редовите на СДСМ и двајца министри од опозицијата - министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика.

Предвремените парламентарни избори се договорени откако премиерот Заев побара брзи избори по неуспехот во Брисел на 17 октомври кога Македонија не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ поради ветото од Франција.

 

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе

Социјалниот маркетинг веднаш би можел ефективно да придонесе во напорите против нееколошкото однесување во нашата земја.

повеќе

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе