Пред одлуката на шпанскиот парламент

Законот за одбрана како дел од предизборните шпекулации

Најчесто употребуваниот збор околу предлогот најпрво на опозицијата, а подоцна и на власта  за предвремена ратификација на Северно-атланскиот договор и на Пристапниот протокол за членство во НАТО е - лицемерие. Секој секого обвинуваше дека е лицемерен, а неизвесноста околу таквата ратификација останува отворена.

На почетокот на декември ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Владата во најскоро време до Собранието да се достави закон за ратификација на Северно-атланскиот договор и на Пристапниот протокол за членство во НАТО. Предлогот на Христијан Мицкоски беше да се изгласа ратификацијата со одложено дејство, по примерот на Црна Гора.

На ова веднаш реагираа од власта со квалификациите дека се работи за лицемерен предлог на опозицијата. „ВМРО-ДПМНЕ лицемерно предлага предвремена ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО, а вели дека нема да го гласа Законот за одбрана, кој е клучен закон за пристапувањето во НАТО“, изјави тогаш министерката за одбрана и потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.

Кон крајот на декември Владата утврди текст на предлог-законот за предвремена ратификација на Северноатланскиот договор и го испрати до Собранието. Гласањето за ова е веќе закажано за 11 февруари, ден пред распуштање на Собранието. Сите се согласни со ова, ама секогаш има едно ама...

Од Министерството за одбрана за МКД.мк велат дека одлуката да се ратификува Протоколот за членство во НАТО пред распуштањето на Собранието е сосема логична.

„Не сакаме да дадеме ниту малку шанса поради какви било изборни калкулации да се одоговлече реализацијата на стратешкиот државен приоритет - членство во НАТО, кој го остваруваме по речиси три децении говорење на темата. Со ваквата одлука, и пред граѓаните и пред Брисел покажуваме дека единствен приоритет за нас е државниот интерес.

Лицемерието на ВМРО ДПМНЕ е во тоа што вели дека е за побрза ратификација на Протоколот за членството во НАТО, а останува против Законот за одбрана со кој државата станува дел од колективен одбранбен систем на НАТО и се става во функција членот 5 од Северноатлантскиот договор, односно ја активираме заштитата на нашата земја во сојузот на најмоќните. Тоа е нелогично. Да зборувате за НАТО членство, да се залагате за НАТО членство, а потоа да не го гласате Законот за одбрана е нелогично и штетно. Заедно со ратификацијата на протоколот на 11 февруари, очекуваме Собранието со двотретинско мнозинство да го поддржи и Законот за одбрана“, се вели во одговорот од Министерството за одбрана на прашањата на МКД.мк.

За ВМРО-ДПМНЕ нема ништо спорно во измените законот за одбрана, освен еден член со кој Армијата на Република Македонија се прекрстува во Армија на Република Северна Македонија. Опозицијата смета дека се прави обид на мала врата ВМРО-ДПМНЕ да се натера да гласа за ваква промена, што ќе биде потоа искористено во предизборната кампања. А ако не гласаме, тогаш сме против НАТО, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Како што ги сменија имињата на сите државни институции со владини одлуки, истото можат да го сторат и со армијата, не мора тоа да биде со закон, велат од опозицијата.  

И од Владата велат дека лицемерно е да се бара итна ратификација без поддршка на измените во Законот за одбрана само поради употребата на уставното име на државата, Армијата на Република Северна Македонија.

За ВМРО-ДПМНЕ нема ништо спорно во однос на поддршката на нивните пратеници за предвремената ратификација на Протоколот за членство во НАТО.

„Тоа беше и наше барање. И тоа треба да се заврши на 11 февруари. Тука немаме никакви дилеми и покрај сегашните барање за одложување на изборите. Законот за армијата е еден циркус и тука се работи за принципи. Во законот треба да бидат вметнати процедурите и стандардите кои се дел од НАТО и во тој дел нема ништо спорно. Спорен е само еден член кој излегува надвор од принципите и стандардите потребни за функционирање на АРМ во НАТО“, изјави Наум Стоилковски, портарол на ВМРО-ДПМНЕ .

Како држава имаме апсолутно право да го ратификуваме договорот, велат од Владата. Планирано е Собранието во овој состав да го ратификува договорот пред да се распушти. Има и други случаи на земји членки на НАТО кои во нивниот процес на интеграција во НАТО го ратификувале договорот, пред земјите членки на НАТО да го ратификуваат протоколот за нивно членство. Нашата ратификација ќе стапи на сила откако ќе го депонираме инструментот за ратификација во Вашингтон, што е депозитар на Северноатлантскиот договор, а тоа ќе биде откако ќе заврши ратификацијата во Шпанија и откако ќе биде депонирана шпанската ратификација.

Останува само отворено прашањето дали со измените во Законот за одбрана АРМ ќе стане АРСМ или тоа ќе се направи со некааков друг пропис.

А.Д.

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе