Интервју за МИА

Предан: Регионот заслужува јасна европска перспектива

Сметам дека регионот заслужува јасна европска перспектива. Да се надеваме дека следната година во исто време нема да има потреба да зборуваме колку е важна европската перспектива, туку ќе можеме да кажеме дека европската перспектива е веќе тука, дека веќе преговарате. Речиси сум сигурен дека тоа ќе се случи, ќе дознаеме во декември, но тоа секако ќе се случи во јануари, вели во интервју за МИА словенечкиот амбасадор во земјава Милан Предан.

Предан смета дека доколку Европската Унија не успее да го пополни просторот во регионот, некој друг ќе го направи тоа.

Словенечкиот амбасадор оценува дека сигналите што пристигнуваат од Софија се охрабрувачки, посочувајќи дека потенцијалниот нов премиер на Бугарија има порационален пристап, велејќи дека историјата не треба да биде главно прашање во билатералниот дијалог, туку само дел од него.

Тој останува оптимист за решение до крајот на годинава, но од друга страна реалноста е дека временската рамка е куса, а во Бугарија се уште нема политичка влада.

– И ова е тесна временска рамка. Особено ако ја земеме предвид актуелната ситуација во двете земји – во Северна Македонија и во Бугарија. Но, се надеваме дека ситуацијата во земјава ќе се разјасни во наредните денови со цел да се види дали власта ќе има ново мнозинство во Парламентот и тоа ќе биде многу важно. Сега имаме премиер во оставка и важно е да имаме силна политичка влада со цел таа да може да носи тешки политички одлуки. И конечно, за да се дојде до решение со Софија ќе требаат големи политички одлуки. На другата страна имаме ситуација и во Бугарија. Добрата работа таму е што ќе се формира влада по третите парламентарни избори, таму се избра и претседател, но тешко е да се очекува дека тој самиот, без конститутиран Парламентот, ќе носи политички одлуки, вели Предан.

Со словенечкиот амбасадор разговаравме и за зајакнување на економската соработка меѓу двете земји, зголемување на квотите на македонските студенти кои студираат во Словенија, справувањето со Ковид-кризата…

Минатата недела во Скопје беа полскиот претседател и шефот на австриската дипломатија, претходно во прва посета дојде и холандскиот премиер Марк Руте. Сите дадоа јасна и силна поддршка за почеток на преговорите во декември. Словенечкиот државен секретар за европски прашања, Довжан, на Состанокот за општи работи изрази надеж дека до крајот претседавањето на Словенија со ЕУ ќе се реши овој проблем и оти процесот мора да биде позитивен. Дали е реално да очекуваме старт на преговори до крајот на оваа година, под претседавањето на Словенија со ЕУ?

– Остануваме оптимисти дека тоа може да се случи. Во изминатите години сметам дека немаше толку широк консензус дека Северна Македонија и Албанија треба да почнат преговори, за време на словенечкото претседателство. Тоа беше една од нашите главни цели за време на претседавањето со ЕУ, да го држиме Западен Балкан високо на агендата на ЕУ. Овој широк консензус покажа дека во голема мера успеавме да ја ставиме ЕУ поодлучна за проширувањето.

Но, од друга страна мора да бидеме реалисти. Времето е кратко, имаме приближно две или три недели до 14 декември кога ќе се одржи Самитот на ЕУ и кога ќе биде донесена формална одлука за почеток на преговори со двете земји. И ова е тесна временска рамка. Особено ако ја земеме предвид актуелната ситуација во двете земји – во Северна Македонија и во Бугарија. Но, се надеваме дека ситуацијата во земјава ќе се разјасни во наредните денови со цел да се види дали власта ќе има ново мнозинство во Парламентот и тоа ќе биде многу важно. Сега имаме премиер во оставка и е важно да имаме силна политичка влада со цел таа да може да носи тешки политички одлуки. И конечно за да се дојде до решение со Софија ќе требаат големи политички одлуки.

На другата страна имаме ситуација и во Бугарија. Добрата работа таму е што ќе се формира влада после третите парламентарни избори, таму се избра и претседател, но тешко е да се очекува дека тој самиот, без конститутиран Парламент, ќе носи политички одлуки.

Ситуацијата е доста комплицирана и за да се дојде до компромис, на билатерално ниво ни требаат политички влади на двете страни. Па оттука прашањето е дали ова ќе го имаме до средината на декември, од бугарска страна. Сметам дека се уште е реално да се очекува дека барем може да се подготви теренот за да се дојде до договор, што може да се донесе во јануари. Вие чекавте толку долго, па нема да биде трагедија ако почекате уште неколку недели. Француското претседателство ќе сака да поддржи таква одлука во јануари, на почетокот со нивното претседавање со ЕУ.

Ние сега имаме две прашања за решавање – првото е билатералното прашање и ја охрабруваме вашата Влада да дојде до некаков договор во врска со патоказот. Работните групи во двете министерства за надворешни работи имаа неколку средби на кои разговараа за имплементирањето на билатералниот договор меѓу двете земји потпишан во 2017 година. Бугарската страна предложи како тие гледаат ова прашање да се реши, македонската страна веќе подготви одговор на тоа, сега ќе биде важно овие експертски групи да се сретнат што е можно поскоро и тоа се надевам ќе се случи во наредните десет дена. Тоа ќе ни даде шанса да дојдеме можеби до некое решение за билатералното прашање.

Другото прашање е како да се излезе во пресрет на бугарските барања со тоа што ЕУ на некој начин ќе го мониторира процесот на спроведувањето на билатералниот договор.

Нема консензус во ЕУ дека бугарските барања треба да бидат сместени во преговрачката рамка и тоа не би требало да се случи. Имаше и други предлози како да се одговори на нивните барања. Нашето претседателство работи на можни решенија што ќе бидат прифатливи за сите земји, вклучително и за Бугарија, но не можам да одам во детали.

Убеден сум дека ако се најде решение на билатерално ниво, ќе биде полесно да се најде решение за второто прашање.

Во Бугарија имаше избори. Победничката коалиција најави нов пристап и имаше поумерени изјави за прашањето меѓу Скопје и Софија. Но, и покрај тоа што европските политичари ја повикуваат Софија да има поконструктивен пристап и да го тргне ветото, бугaрските власти порачаа дека политиката на Софија кон земјава останува непроменета, но очекуваат дијалогот со Скопје да води до конкретни резултати. Како го коментирате ова?

– Во изминатиот период имавме измешани сигнали од Софија. За нас се охрабрувачки изјавите од потенцијалиот премиер Петков кој има порационален пристап велејќи дека историјата не треба да биде главно прашање во билатералниот дијалог, туку само дел од него. Економијата, образованието, културата, медиумите… и ова сметам дека е вистинскиот пристап и тоа ни дава надеж дека ќе има политичка волја од бугарска страна за да се дојде до договор.

Политичката волја е суштинска. Ако не сакате да направите договор тешко е да убедите некого да го направи тоа. Прво ни треба решение и за тоа се потребни две страни да покажат волја, а не само едната. Наративот што го слушаме од Софија сега е поинаков и ни дава надеж дека ќе дојдеме до решение за овие прашања.

Прашањата што бугарската страна ги става на маса нема да исчезнат, тие ќе останат на масата за разговори, но ние велиме ајде да почнат преговорите и после тоа ќе имаме доволно време да ги решиме преостанатите прашања.

Охрабрувачки е што во изминатите недели прашањето за идентитетот, јазикот, прашања што се чувствителни за македонската страна, не се во преден план. Сега зборуваме за други прашања, за правата на бугарските граѓани во Северна Македонија, и тоа се прашања што повторно со политичка волја од двете страни можат да бидат решени многу полесно, отколку потешките прашања. Тешко е да се најде решение за прашањата за идентитетот, јазикот, што новата влада ќе ги одбрани пред својата јавност. Ова исто така ни дава основа за оптимизам.

Како Словенија ги решаваше билатералните прашања со соседите во процесот на пристапување во ЕУ?

-Во основа имавме слични прашања со еден од соседите, кој го условуваше нашиот почеток на преговори, дури и со промена на нашиот Устав. Тоа за нас не беше лесна одлука. Не е лесно да го смените Уставот бидејќи така сака Вашиот сосед, иако искрено да зборуваме, ние ќе го направевме тоа кога ќе влезевме во ЕУ. Тоа беше прашањето странци да бидат сопственици на имот во Словенија.

Во тоа време тоа беше доста тешка политичка одлука. За нас влегувањето во ЕУ беше многу поважно за она што бевме подготвени да жртвуваме одредени работи.

Имавме некои од овие искуства што Вие денеска ги имате, но тие не беа волку тешки како ова со што сега Вие се соочувате.

За време на преговорите имавме и дијалог со останатите соседи, коишто беа доста критични кон нуклеарната енергија, за нуклеарната централа „Кршко“, но сето беше решено преку дијалог. И она што беше многу важно дека од политички и економски интерес за нашите соседи беше ние да влеземе во ЕУ. Затоа реков дека политичката волја е најбитна за да дојде до политички договор. Ако немате ваква волја тогаш ќе биде тешко да го постигнете тоа.

На Самитот во Брдо се повтори јасната европска перспектива на регионот, но без рокови и временска рамка кога ќе се случи тоа. Доколку ЕУ не испорача и не се отворат првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија, нејзиниот кредибилитет во регионот сериозно ќе биде нарушен. Дали тоа, би отворило простор за други влијанија во регионот?

-При подготовките на Самитот во Брдо, потенциравме дека ако не успее ЕУ да го пополни просторот, тогаш некој друг ќе направи тоа. Кога го споменав Самитот на ЕУ со Западен Балкан во Брдо, се обидовме да ги донесеме сите од ЕУ кои може да помогнат во решавањето на билатералното прашање помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Тоа беше првпат кога сите лидери во ЕУ беа присутни на таков самит, бидејќи на претходни самити, некои земји имаат резерви, мислам на земјите кои се уште ја немаат признато независноста на Косово. Овој пат, сите беа присутни, имаше многу дискусии и дијалози – бугарскиот претседател присуствуваше, како и вашиот премиер.

Направивме се што можевме. Немавме илузии дека ќе ги решиме сите прашања на еден самит, но се потрудивме да создадеме атмосфера од која може да произлезат решенија. За жал, не успеавме во тој дел. Исто така, не успеавме некои земји членки да ги убедиме за некаква временска рамка за проширувањето. Ја предложивме 2030 како рок до кој сите земји од Западен Балкан треба да станат членки на ЕУ. Но, сепак успеавме да го оставиме зборот „проширување“ во декларацијата, иако можеби тоа за некои не е многу важно, но секако е. Некои земји изразија сомнежи да се искористи зборот. Но, успеавме. Исто така, се договориме дека такви самити ќе се одржуваат секоја година. Следниот ќе биде есента 2022 под претседателство на Чешката Република.

Договориме значајна финансиска помош за регионот – девет милијарди евра за инвестиции и околу 30 милијарди евра заедно со грантовите. Тоа е навистина значајна помош за регионот. Тоа беше потврда дека ЕУ има интерес да не дозволи регионот да остане надвор.

Како што рековте, може да се остави можност за други играчи во регионот. Нивниот интерест е легитимен се додека не пробуваат да промовираат насилни, недемократски начини, но економските, бизнис влијанија се легитимни.

Сметам дека регионот заслужува јасна европска перспектива. Да се надеваме дека следната година во исто време нема да има потреба да зборуваме колку е важна европската перспектива, туку ќе можеме да кажеме дека европската перспектива е веќе тука, дека веќе преговарате. Речиси сум сигурен дека ќе се случи тоа, ќе дознаеме во декември, но тоа секако ќе се случи во јануари.

Како претседавачи со ЕУ, се потрудивме двете земји кандидатки кои веќе се во преговори, Србија и Црна Гора, да отворат најмалку едно ново поглавје оти не отвориле ниту едно во последниве две години. Нивните преговори веќе траат подолго време и се надевам дека Северна Македонија и Албанија ќе ги завршат преговорите побрзо.

Луѓето треба да знаат дека Северна Македонија во голем степен е веќе интегрирана во ЕУ. И Ковид-кризата покажа дека вие сте дел од ЕУ со сета помош што беше пратена, финансиска помош и медицинска опрема, како и вакцините.

Точно е дека и ЕУ на почетокот на кризата од коронавирусот требаше да се справи со своите проблеми, а некои земји кои не се во Унијата изреагираа побрзо што остави впечаток дека помогнаа повеќе од ЕУ, што не е точно. Ако споредиме колку вакцини доби вашата земја од ЕУ земјите, тука има огромна разлика. ЕУ не ги запостави ниту Северна Македонија, ниту регионот.

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе