Нухиу потшиша акт за двојазичност на полициската униформа

Пред три години Заев велеше дека двојазични униформи за полицијата и армијата се неуставни

Зоран Заев, лидерот на СДСМ пред три години, тогаш како мандатар за состав на нова Влада на конференција за медиумите во партијата изјави дека се шпекулации информациите дека Македонија ќе има двојазични банкноти и униформи на полицијата, армијата и на противпожарните единици. Денеска министерот за внатрешни работи Агим Нухиу потпиша правни акти за воведување двојазични натписи на униформите на полицијата, што според него произлегува од Законот за јазиците.

„Нема да има двојазични банкноти или униформи, бидејќи тоа не е во согласност со Уставот, бидејќи денарот и униформите се употребуваат на целата територија на Република Македонија. Основен принцип во полицијата и армијата е единственост на униформата што значи стандардизирана облека. Оттаму, со оглед на тоа што постои единствен состав на полицијата и армијата на Република Македонија, на територијата на Република Македонија правењето различност во униформата не е во согласност со уставните определби“, изјави пред три години Зоран Заев и доби бурен аплауз од присутните членови и симпатизери на СДСМ.

Тогаш и генералот Стојанче Ангелов, пред да се врати во МВР, категорично изјавуваше дека е против двојазични полициски униформи. Претседателот на партијата на бранителите Достоинство на својот фејсбук профил напиша дека е против двојазични полициски униформи.

„Од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година полициските униформи се двојазични, напишани на кирилица на македонски јазик (полиција) и на латиница на англиски јазик (police). Не верувам дека во Македонија, дури и во најзафрлените планински села, постои човек кој не умее да го прочита и разбере зборот ПОЛИЦИЈА или зборот POLICE“, пишува Ангелов.

„Од професионален полициски аспект исто како и од аспект на реалните потреби на македонските граѓани, не постои ниту една единствена, практична, но воедно и чесна причина кон Република Македонија, која го оправдува користењето на албанскиот јазик на униформите на македонската полиција. Причините поради кои албанскиот политички фактор инсистира, а дел и уценува за користење на албанскиот јазик на униформите на македонската полиција се од сосема поинаква природа“, напиша во август 2017 година Ангелов.

Денеска МВР преку соопштение ја објасни постапката на министерот Нухиу: „Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата ја носи Владата на Република Северна Македонија, а по нејзиното донесување се носи Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата од страна на министерот за внатрешни работи“, пишува во соопштението од МВР.

Од МВР го појаснуваат правното толкување во однос на тоа што треба да преземе Министерството во идниот период.

„Во Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/19) во членот 1 е утврдено дека на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во продолжение на истиот член се утврдува дека друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.

Согласно член 8 став (3) од наведениот закон, униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

Во членот 23 е утврдено дека во рок од една година од денот на влегувањето на сила на овој закон сите надлежни институции се обврзани да ги донесат подзаконските акти за спроведување на овој закон. Во истиот член е предвидено и дека во рок од една година одредбите од другите закони се усогласуваат со одредбите на овој закон, а во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби на друг закон, органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон“, се појаснува во соопштението од МВР.

Пред две години, професорката Каролина Ристова-Астеруд, некогашна пратеничка и советничка во град Скопје на СДСМ овој нов закон за јазиците го нарече „рамковна и уставна тиранија на малцинството“.

„Стрпете се, сѐ само ќе ви се покаже, најмал проблем (освен во финансиска смисла) се именувањето на двојазични улици, мостови, згради, улици, пари, поштенски марки, униформи, па и на цела територија на државата да се, а не само во средините со 20%!“, напиша тогаш Ристова-Астеруд.

 А.Д.

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да покаже демократски капацитети и зрелост очекувана од граѓаните

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе

Добро е, во прво време, г. премиер, да го поттикнете Вашиот министер за култура да најде погодна форма да се преобјави книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ од Конески, пишува професорот Атанас Вангелов во отворено писмо до премиерот Зоран Заев.

повеќе