Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски упати забелешка и прашање до претседателката на Комисијата Марија Георгиевска дека минатата година пристигнала апликација за кандидатура од судијката Антоанета Димовска за член на Уставен суд и зошто ова се криело и вакво нешто не стигнало до пратениците. Додека, пак, Георгиевска истакна дека нема информации и дополнително ќе информира по добиените информации од службите.
Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ рече дека самото отсуство на пратениците од власта покажува дека повторно ќе бидат избрани и ќе ги поминуваат филтрите за уставни судии кандидатите предложени од власта.
Павле Трајанов, пратеник на Демократски сојуз укажа на потребата на реформи во целиот судски систем, а посебно олоку поставеноста, дејствувањето и улогата на Уставниот суд. Посочи дека начинот на кој што се води целокупната постапка е за дискредитација на предложените кандидати за уставни судии, а не за нивна афирмација.
„Уставниот суд не само сега и не само актуелниот, туку и со години наназад е под силно партиско политичко влијание и таа работа ќе продолжи, бидејќи, поставеноста или начинот на избор на судии не дава гаранции дека тие ќе бидат судии со силен сопствен кредибилитет и дека ќе ја ценат уставноста, законитоста на голем број на акти кои што доаѓаат до нив“, рече Трајанов.
Комисијата треба да се произнесе уште за осум предлог-судии. Освен предлогот Фатмир Скендер да биде избран за уставен судија, пратениците треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени од владејачките партии, и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии.
Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии, Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.