Собрание

Пратениците ги изгласаа новите закони за судството и за високото образование

Собранието на Република Македонија на денешната 45. седница ги донесе измените на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет. Донесен е и новиот Закон за високо образование. Сите овие закони се дел од пакетот на реформски закони.

Дел од измените на Законот за судовите предвидуваат судија да може да одговара дисциплински, доколку без оправдана причина не ги закажува рочиштата по предметите, ја одолжува постапката или не го зема предметот во работа поради што настапува застареност на кривичното гонење, односно на извршувањето на кривичната санкција за кривичното дело.

Според овој Закон,  претседател на суд може да биде разрешен од функцијата кога Судскиот совет ќе утврди неприменување на одредбите во врска со управувањето и распределбата на судските предмети и кога се повредени одредбите за измена на годишниот распоред на судии.

Судија може да биде разршен и доколку открива доверливи информации што ги спознал, постапувајќи по предметите или вршејќи ја судиската функција.

Со измените во Законот за судовите, Врховниот суд доби рок за утврдување начелни ставови и начелни правни мислења за прашања од значење за обезбедување на единството со примената на законите. Рокот не смее да биде подолг од шест месеци по сопствена иницијатива, по иницијатива на претседател на суд, на судии или по иницијатива на адвокати. Мислењата треба да се објавуваат на веб-страницата на Врховниот суд.

Судските информатичари задолжително стручно ќе се едуцираат преку Академијата за судии и јавни обвинители. За овој Закон пратениците прифатија седум амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, а осум се одбиени.

Со донесувањето на дополнетиот Закон за Судскиот совет, на член на Советот, додека му трае  мандатот, не може да биде избран за судија, за судија во повисок суд или за претседател на суд.

По предлог на ВМРО-ДПМНЕ од Законот е избришан членот според кој министерот за правда и претседателот на Врховниот суд како членови на Советот учествуваат во работата на СС без право на глас. Член на Советот може да биде оддалечен од вршењето на функцијата ако против него е одобрен обвинителен акт. Одлука за привремено оддалечување од функцијата донесува Советот со дво-третинско мнозинство гласови од вкупниот број членови со право на глас, при што од седницата и од гласањето се иззема членот на Советот против кој е поведена постапката.

Законите за судовите и за Судскиот совет се дел реформскиот пакет закони што Република Македонија го најави како задача пред домашната и меѓународната јавност.дма/са/15:05

Квалитетот на образованието и автономија на универзитетите се две главни цели на Законот за високото образование. Се работи за целосно нов текст на закон, поради нефункционалноста и неприменливоста  на актуелниот од 2008 година, кој поради слабости и недоречености досега имаше 21 измена и дополнувања, а само од 2015 е променет пет пати.

Подготовката на текстот, како што претходно објави МИА, почна во јуни минатата година кога се формираше работна група во МОН со вклученост на претставници од сите засегнати страни. Оттогаш на јавен увид беа претставени три нацрт-верзии со цел преку сугестии и укажувања текстот да биде подобрен со прифатливите забелешки.

Новини што ги донесува законот се формирање Агенција  за  квалитет на високо образование која ќе ги опфати како два раздвоени органа Одборот за акредитација (кој ги одобрува студиските програми) и Одбор за евалуација (кој го контролира квалитетот на одобрените акредитирани програми).

Се намалуваат мандатите на ректорите и деканите - од четири на три години. За деконцентрација на моќта на ректорите се воведува нов модел на нивниот избор - со непосредно гласање на професорите на факултетите и на институтите за предложените кандидати. За ограничување на моќта на министерот за образование и наука, пак, ќе се формира Национален совет за образование, наука и истражување, кој ќе преземе надлежности од министерот во сферата на високото образование.

Постојните студентски факултетски парламенти ќе се трансформираат во универзитетски односно факултетски собранија како тела на универзитетот, а не како здруженија на граѓани како што беа регистрирани според досегашниот Закон за високо образование. Факултетските собранија ќе се избираат на непосредни избори и во нив ќе членуваат претставници на студентите избрани на слободни, фер и демократски избори и потоа тие ги избираат своите претставници на ниво на универзитети.

Рециклирањето можеби ни се чини како спас за природата, но најчесто е спасение само за нашата (валкана) совест.

повеќе

Културата на победништво од нашите епски и херојски денови тотално ги уназади овие општества во 20 век, вели Миљенко Јерговиќ во интервју за Бука.

повеќе

Запрашајте се, о, вие, бездарници анационални што направивте!

повеќе