Реакција

Пратеници апелираат до Пендаровски да не го потпишува законот за легализација на бесправно изградените објекти

Пратениците на ЛДП, ДС и ДОМ бараат од претседателот на државата да не го потпишува указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Од Левица велат дека се работи за уште една договорена амнестија помеѓу власта и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, повторно на штета на граѓаните.

„Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти е нешто што не смее ни да се размислува во една правна држава во која владеат демократските принципи. Ваквиот закон не е ништо друго освен закон за амнестија, бидејќи градењето надвор од законски предвидената постапка, без соодветно одобрение претставува кривично дело“, велат пратениците во писмото испратено до претседателот на Македонија, Стево Пендаровски.

Тие појаснуваат дека досегашниот закон се однесуваше за сите бесправно изградени објекти изградени до 2011 година, а предмет на уредување на новиот закон е легализација на сите останати, од 2011 година се до денес.

„Дали ние, како држава треба да стимулираме криминал, преку дозволување на вакво незаконско градење и да ги ставиме во подредена и дискриминирачка позиција сите одговорни граѓани на оваа држава, кои за да градат ги поминале сите предвидени постапки од ДУП за прибавување на одобрение за градба за кои неспорно е дека бараат многу време и финансиски средства? Со донесување на овој закон, се испраќа порака до граѓаните дека може да градат без да поседуваат градежна дозвола, да узурпираат државно земјиште и дека подоцна ќе им биде овозможено да ги легализираат своите дивоградби“, се вели во писмото.

Според пратениците ваквото законско решение е во целосна спротивност со урбанистичките планови и  другите прописи кои ја регулираат оваа материја.

„Доколку има можност нелегално да се гради, тогаш која е целта од носење на просторни планови, генерални и детални урбанистички планови.

Мора да ставиме крај на бесправното градење. За таа цел, предлагаме Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти да не го потпишувате и да го вратите на повторно разгледување и доработка, се со цел да се отвори поширока јавна расправа и да се корегираат некои решенија кои се спротивни и на Уставот и на други постојни закони“, велат тие.

Ако малку подобро се погледне законското решение за дивоградбите, кое на јавноста ѝ беше понудено, а каде што како објекти за легализација се вброени и „базените“, јасна е тенденцијата за легализација на приватниот интерес - луксузот и комфорот на побогатите, смета Левица.

„На странските државјани од документи за легализација им се бара само „копија од патна исправа“, со што и на богатите странци ќе им биде отворен патот за узурпација на македонските урбани јадра и планини. Нешто што не можат да го прават во своите матични држави.

Ќе се легализираат дивоградби во заштитени подрачја, национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачја на заштитено недвижно културно наследство и нешто што е апсолутно недозволиво, во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, само по добиена согласност од надлежен орган!

Со овој закон ќе бидат легализирани стотици нелегални комерцијални објекти, луксузни куќи и викендички, кои со години се градат бесправно со преќутна согласност на властите. Она што мора да се потенцира е дека, овој закон беше договорен на лидерската средба, одржана за одложување на пописот. Токму на предлог на амандман на ВМРО-ДПМНЕ, со овој закон се предвидува да запрат сите кривични и граѓански постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти (од значење на локално и републичко ниво).

Со заедничкото изгласување на овој амандман, од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се запираат кривичните постапки против новинарот Драган Павловиќ-Латас, поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, градителот на срушениот објект кај „Мавровка“ и градителот на дивоградбата кај Американската амбасада, за која беше објавен и прислушуван разговор меѓу Никола Груевски и Али Ахмети. Од ова може да се заклучи дека се работи за уште една договорена амнестија помеѓу власта и опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, повторно на штета на граѓаните“, соопшти Левица чии пратеници гласаа против овој закон.

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе