Пратениците од СДСМ ќе претседаваат со осум собраниски комисии, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така со осум, ДУИ со три вклучувајќи ја и Комисијата за уставни прашања, со која претседава претседателот на Собранието, пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе претседаваат со две комисии, а Беса со една.
Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ го потврдува договорот потенцирајќи дека неговата пратеничка група ќе претседателствува со истите осум комисии како и минатиот состав. Вели дека пратениците од опозициската партија ќе учествуваат на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и на пленарната седница на која треба да биде потврден составот на комисиите.
Собранието иако конституирано не можеше да ја почне својата работа по владините предлог закони бидејќи парламентарните партии не можеа да постигнат договор за претседавањето со парламентарните комисии. Исто така, еден од пратениците на ДУИ е болен од ковид-19, па така во одредени ситуации може да биде доведено во прашање и мнозинството во Парламентот.