Собрание

Пратеничките групи ги продолжуваат разговорите за нов Деловник и за пленарна седница

Претседателот на Собранието Талат Џафери и претставници на сите пратенички групи и независни пратеници во овој собраниски состав денеска ќе ги продолжат разговорите за измени на Деловникот за работа на Собранието. Всушност, како што објасни Џафери, станува збор за продолжување на разговорите за измени или можеби нов Деловник што започнаа во минатиот собраниски состав во рамки на „Жан Моне“ процесот.

На денешната прва средба, на оваа сега веќе формална работна група, треба да биде утврдена методологијата за нејзината работа.

Членови на работната група се претседателот на Собранието Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Фадил Зендели, Диме Велковски, Снежана Калеска -Ванчева и Панчо Минов од СДСМ, Арбер Адеми, Арта Билали Зендели и Арбен Зибери од ДУИ, Гордана Сиљановска Давкова, Никола Мицевски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, Скендер Реџепи и Сурија Рашиди од Алијанса на Албанците и Алтернатива, Кастриот Реџепи од Беса и Димитар Апасиев од Левица.

Џафери на почетокот на февруари годинава во интервју за МИА рече дека во овие разговори ќе бидат опфатени сите прашања што се отворија со новиот состав на Собранието, како на пример одржувањето на конститутивната седница. Некои прашања поврзани со измените на Деловникот се веќе затворени во претходниот мандат во рамки на Жан Моне процесот.

„На пример, конститутивна седница да има тек, почеток и крај. Да не биде отворена можноста да трае со денови конститутивната седница. Да се дефинира, на пример, точно кога ќе се смета дека Собранието е конституирано за да можат да почнат да течат роковите конкретно по она што произлегуваат за другите институции, примената на роковите и текот на работата по тие рокови. Има низа работи“, рече Џафери.

Идејата, како што кажа тогаш првиот парламентарец, е да почнеме со дебата по оние работи што се констатирани како пречка од сите нас и да изнајдеме решение.

Претседателот на Собранието Џафери во интервјуто кажа дека Собранието е во фаза на реформи и оти целта е комплетно осамостојување, а дел од тие реформи се измените или работата на нов Деловник.

„Дел од таа реформа се измените или работата на нов деловник, можеби, најверојатно ќе произлезе да имаме нов деловник, иако ние работиме на измени и дополнување на Деловникот во процесот Жан Моне. И следствено на тоа се прават напори за реформа на статусот на собранискиот канал и реформа на статусот на собраниското обезбедување, како последица на сите нешта што се случија во овие три децении. И сметаме дека сите овие функции треба да бидат изречно во надлежност на Собранието. И Собранието само по себе со воспоставени правни инструменти да може да менаџира со оваа институција без оглед кој ќе биде соодносот на силите сега во овој мандат или во наредниот мандат“, изјави тогаш Џафери. 

Дали Собранието неделава ќе одржи пленарна седница ќе се знае веројатно денеска по редовната понеделничка координативна средба на првите луѓе на пратеничките групи со претседателот на Парламентот Талат Џафери. За договореното на координацијата потоа ќе бидат информирани и координаторите на опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива, кои не одат на овие средби со Џафери.

До синоќа на веб страницата на Собранието беа закажани само седници на неколку собраниски комисии, но не и пленарни седници. Собранието не може да собере кворум за седница поради недоаѓање на пратеници од владејачките партии, проблемите во пратеничката група на ДУИ, за што беше најавена разрешница, како и поради тоа што пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ присуствуваат само на седници на кои на дневен ред се точки поврзани со ковид-19.

Разрешница на проблемите во пратеничката група на ДУИ на средбата со новинарите минатата недела најави претседателот на Собранието Џафери, кој упати на лична одговорност на пратениците кои не доаѓаат на седниците. Проблемот во пратеничката група се поврзуваше со состојбите во ДУИ, за што највисокото партиско раководство одржа состанок во Мала Речица во саботата. Лидерот на партијата Али Ахмети изјави дека состаноците на ова ниво во последните месеци не се одржувале поради пандемијата со ковид-19 и затоа имало потреба од дебата и дискусија и оти биле расчистени сите дилеми и не се оставил простор за друго алиби.
„Целта на овој состанок беше јавноста да види директно дека ДУИ е и ќе биде сплотена и уште подобро организирана. Дискутирани се сите прашања, јавноста е заинтересирана затоа што имаше различни информации во отсуство на овие состаноци поради пандемијата, но јас ги уверувам сите дека се е разјаснето на оваа средба. ДУИ е добро организирана, затоа што сите сме единствени и унифицирани. Сите разлики меѓу нас се надминати. ДУИ е на пат да преземе нови одговорности. Не се зборуваше за оставки, туку само за напредок“, рече Ахмети.

Како овој состанок ќе се одрази на единството во пратеничката група на ДУИ, останува да се види на првата наредна седница што претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ја закаже, но исто така не е изгласан ниту дневниот ред на 32. седница која беше закажана на 16 февруари. Има повеќе заостанати законски текстови, годишни извештаи, но исто така на дневен ред треба да се најдат и двете интерпелации поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Љупчо Николовски и за министерот за правда Бојан Маричиќ.
До вчера немаше информации за пратеници болни од ковид-19 или во изолација.
Дополнително, во текот на минатата недела беше објавено дека пратениците од ЛДП и од ДС го известиле Џафери дека ќе дејствуваат во име на своите партии, а не како дел од пратеничката група на СДСМ. Сепак, тие како и потоа Беса која е коалициски партнер на владејачката СДСМ уверуваат дека нема проблеми во мнозинството и оти останува поддршката за Владата.

Опседнатоста со лесна и брза заработувачка, завидливоста и љубомората кон побогатите, невидената мрзливост комбинирана со желбата за убав и прилично ситуиран живот, од Македонците создаде зомбизирани суштества кои лутаат низ времето и просторот, без патоказ и без изграден вредносен ориентир по кој ќе се водат низ животот.

повеќе

Иако новогодишните честитки во јануари оваа година, беа најчесто за здравје и со желба за „старото нормално“, првите три месеци од 2021 година не навестуваат крупни промени околу тоа кој ќе биде повторно најизговорениот збор и во периодот кој претстои. 

повеќе