НОВА ГОДИНА, СТАРИ ПРОБЛЕМИ

Повторно „кец“ за екстерното тестирање од наставниците и родителите

Над 178 илјади ученици од основните и средните училишта од 7 до 11 јуни повторно се подложени на екстерно тестирање. Како и секоја година, во овој период се случува дежаву-момент: на површина излегуваат нови контроверзии за тестирањето. Министерството за образование и Државниот испитен центар репризно уверуваат дека тестирањето минало во ред, без поголеми проблеми, а истовремено учениците, наставниците и родителите повторно реагираат и бараат решенија за недоумиците врзани со екстерното.

Искуствата од годинава донекаде ги потенцираат вообичаените технички проблеми - кочење на електронскиот систем, премногу ученици, а премалку училници и компјутери, слаби интернет-врски... Но, исто така, дополнителни стресови носи и содржината на самите прашања.

Во последните деновиве главен извор на загриженост е прашањето „Што од наведеното не е начин за решавање на конфликт?“, со оглед на тоа што точниот одговор, предвиден од Државниот испитен центар, е „протест“. Меѓу понудените одговори се и „компромис“, „согласност“ и „договор“. Многумина коментираат дека со ова практично учениците се манипулираат, односно тенденциозно им се всадува идеја дека не треба да протестираат, бидејќи наводно така нема да решат ништо.

„Кој дел од растението, Баба Рада треба да го набере, за да направи чај од камилица“, е прашање по предметот биологија, кое и лани се вртеше на Фејсбук. Учениците од шесто одделение, пак, треба да знаат еден куп информации за античка Македонија, а дел од родителите сметаат дека тенденциозно се вметнати премногу прашања за барокот, наменети за ученици во петто одделение - пример: „Во која земја во Европа првпат се појавил барокот и која е поентата на барокот?“.

Професорката Жаклина Прекиќ, дел од Наставнички пленум, за МКД.мк вели дека нема подобрување за екстерното тестирање. Стандардните проблеми остануваат - погрешно конципирани прашања, повеќе понудени одговори, нема воопшто понудени одговори...

„Дури колешките споделуваат проблеми и од Државната матура. А се очекува барем да има некаква промена покрај сите укажувања од сите професори, од сите инволвирани во процесот... Од самиот процес на техничката изведба, а камоли да речеме во однос на тоа како се подготвени прашањата. Нема промена. Со еден збор – небулоза“, вели за МКД.мк професорката Жаклина Прекиќ, дел од Наставнички пленум.

Собир на Наставнички пленум

И таа потврдува дека се започнати нови петиции против екстерното тестирање. Последната, електронска, е направена за да се соберат што поголем број потписи во обид да се интервенира кај образовните институции за укинување на екстерното тестирање за учениците.

„Веќе неколку години нашите деца и ученици ја трпат тортурата за екстерното тестирање. Стресот кај учениците е преголем, но тука не се изоставени ни наставниците ниту пак родителите. Вреди да се обидеме, сепак за нашите деца се работи“, стои во објаснувањето на петицијата, преку која за два дена се собраа над 1.000 потписи од граѓани.

Прекиќ од Наставнички пленум потсетува дека веќе е направена петиција на ниво на сите наставници од Македонија. Таа петиција ја додале на претставката до Уставен суд, за која пак, смета таа, уште од септември седи во нечија фиока.

„Значи, претставката си стои. Уште малку една година ќе мине откако седи во фиока, со потпишани наши колеги од фелата што аргументирано укажуваат на сите небулози, посебно на конфликтни законски ситуации. Пример, со ’1-цата’ која, за жал, сѐ уште се става во дневник на крај на година, па влегува во просекот, и наши деца не може да се запишат во странство. Свидетелство со најниската оцена – недоволен 1 – е невалидно и нема да биде признаено во повеќето странски земји“, вели професорката Прекиќ.

Таа нема конкретен одговор дали е попаметно одново да се собираат потписи, да се стартува од почеток или можеби да се надополни веќе започнатата петиција. Истовремено, отвора можност освен петициите од колегите, и целата незадоволна фела, да дадат плод и петициите на ниво на целото население на Македонија, бидејќи и родителите се посегнати заради негативните ефекти во едукативниот процес на нивните деца.

„Ние макотрпно и неуморно реагиравме минатата година, веројатно сега се планира на тој начин (преку разни петиции) да се фузионираме сите заедно. Но засега, за жал, нема ефекти, а во однос на позитивни промени околу екстерното. Небулозата повторно и повторно се повторува. Во севкупните општествено-политички случувања ние бевме изоставени на маргините, и можеби од тие причини останавме заборавени. Па сега можеби повторно стануваме актуелни бидејќи дојде самиот чин, преку чинот на екстерното се потсетуваме и учениците, родителите, и ние - дека нешто не е во ред. Дека нешто мора да се промени. Ќе продолжиме и понатаму да се бориме за позитивни промени во образовниот процес!“, вели Прекиќ.

Таа за МКД.мк веќе потенцираше дека со самото екстерно тестирање, за кое рече дека е конципирано на сосема погрешна основа, на некој начин е лошо за одличните, а на некој начин награда за оние помалку добри ученици, кoи сo применa нa методите нa „бинго“ успевaaт да добијат поголеми оценки. Односно, резултaтите нa крaј не ја даваат реaлнaтa, вистинскaтa слика нa знaењетo нa учениците.

„Тоа е моето конкретно мислење, но мислaм декa тоа е и мислењето на сите професори, независно дали се или не се вклучени во Наставнички пленум. Ова веќе е борба на нашата нaстaвничкa фела за квалитетнo образование, бидејќи нa вaкoв нaчин, сo прaктикувaње нa екстернoтo тестирaње пoстaвенo нa вaквa oснoвa, им испраќаме погрешни сигнали на децата, нa нaшите  ученици, ние, кои треба да ги едуцираме нaшите ученици на стекнувaње нa позитивни вредности вo текoт нa нивнoтo oбрaзoвaние. Сo ваков начин нa реaлизирaње нa екстернoтo тестирaње децaтa добиваат погрешни перцепции и искривенa сликa зa тoa како треба да се однесуваат и понатаму во животот, дa се пoтенцирa фoрмaтa сo зaнемaрувaње нa суштинaтa нa нештaтa", рече Прекиќ.

Во последниве неколку дена во фокусот на социјалните мрежи се најде професорката по информатика и програмски јазици во СОУ Коста Сусинов, Радовиш, Билјана Теохарева Филипова. Таа е и магистар по информатика. Преку фејсбук-профилот го искажа своето незадоволство за екстерното тестирање. Нагласува дека ги гледа уплашените лица на најдобрите ученици, кои со прашањата во рака одат од наставник до наставник, изморени и истрошени.

„Место да се радуваат на крајот од учебната година, тие се под стрес, алоооо на 6 јуни под стрес. Пред неколку дена пред мои очи едно 10-годишно девојче почна да се тресе и да плаче кога дозна дека треба да научи 500 прашања, не можам од глава да ја извадам. На матурата им броите зборови на есејот и не им читате што напишале ако не се толку збора колку што вие мислите. Не ве научија ли дека со две реченици може да кажете многу повеќе отколку цел ден да зборувате? А бе оставете ги децата на мир, тие детство треба да имаат, оставете ги! Со екстерното на нас ни велите дека нашата оцена не е валидна? Ние што секој ден сме со тие деца, ние што секој ден знаеме за нивните таги и радости. Нели ви е срам? Е затоа најдобрите заминаа и ќе заминат, затоа наставниците се деморализираат, докторите ви бегаат. Не ги чепкајте барем тие невини души, грев правите. Со што ќе го вратите стресот на децата, душата каде ќе ви оди?“, гласи обраќањето на професорката.

По многубројните реакции, низ социјалните мрежи сега почнаа да се појавуваат саркастични и прашања поврзани со актуелната состојба во државата, како пародија на екстерното тестирање. На пример, дел од граѓаните составија прашања од типот: „Ако имаш една кривична и му се јавиш на Марко, колку кривични ќе имаш потоа?“.

Има и прашање „За опуштање се гледаат филмови со Бред Пит, Шон Конери, Николас Кејџ или Хју Грант“, потоа прашање „Кога полицаец ќе убие дете, министерот: дава оставка, врши харикири или не се потресува?“, а исто така и „Каменот доаѓа: од блиску, од далеку, од вселената, или од Тетово?“.

Настрана професорската фела и реакции на пошироката јавност, за екстерното доста се дискутираше и се расправаше и меѓу политичките партии, кои преку своите пратеници ги артикулираа барањата и преку Собранието.

Ставот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, се чини, останува непроменет. Првиот човек Никола Груевски пред неколку месеци реагираше на сите упатени критики и рече дека „спроведуваме амбициозни и промислени реформи во образованието, и се соочуваме со отпор, а отпорот е природна работа“.

„Тоа е повеќе отпор кон новото и непознатото, а не е отпор затоа што сме некадарни или не можеме. Не, ние можеме. Нашите деца не се ништо помалку од француските, англиските, финските, хрватските... Ако во Европа може да има екстерно тестирање и матура, може да има и во Македонија. Ние се залагаме за екстерно и матура не е заради хир или суета, туку заради фактот што знаеме дека тоа ќе даде резултати“, рече бившиот премиер Груевски во едно свое обраќање, сметајќи дека екстерното ќе даде, а веќе и давало резултати на долги патеки, иако имало уште многу да работа на неговото усовршување.

Од друга страна, опозициската СДСМ неколкупати побара целосно укинување на екстерното тестирање. За СДСМ и коалицијата добри реформи не се реформи што ги пишуваат политичари зад затворени врати, туку, рекоа од таму, решенија што мора да се договорат преку јавна дебата заедно со наставниците, учениците, студентите, родителите, бизнис-заедницата.

За актуелната ситуација со тестирањето денеска се јавија од Либерална партија (ЛП). Потенцираат дека и оваа учебна 2015/16 се спроведува екстерното оценување, како напорен и излишен проект на МОН. Потсетуваат дека и претходниот министер Абдулаќим Адеми истакна дека екстерното тестирање мора да претрпи промени. Тој најави дека промените на концептот се во тек, но, велат од ЛП, ништо од тоа не се реализирало и сѐ остана по старо.  

„Додека ’големите партии’ се занимаваат со ’висока’ политика, Либералната партија предлага одговорните политичари да се посветат на решавање на вистинските прашања. Едно од нив е спречување на последиците од стресот врз учениците, родителите и наставниот кадар. Две ургентни мерки се: Оценките од ова екстерно нерелевантно оценување да не се внесуваат во свидетелствата за оваа учебна година. Така средниот успех на учениците нема да биде оштетен. Исто така, задолжително да се изземат децата со посебни образовни потреби од екстерното оценување за оваа година зашто тие работат со посебни образовни програми, а полагаат екстерно по програма како и сите останати ученици. Повторуваме дека екстерното оценување е насилно наметнато и сметаме дека неполнолетни ученици без согласност од нивнте родители не би смеело да бидат принудувани да го реализираат. Евентуално може да полагаат само оние кои писмено се согласуваат со истиот се додека не се направи поинаков правилен начин на проверка кој нема да ги казнува и оштетува учениците ни наставниците“, соопштуваат од Либерална партија. 

Бојан Шашевски 

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе

„И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

повеќе