Меѓу потписниците, како што пренесуваат грчки портали, има артисти, писатели, академици, универзитетски професори, политичари и други поединци кои се декларираат како „леви, демократски, прогресивни граѓани“ кои го поздравуваат договорот како „историски“ и „чесен договор кој обезбедува иднина...на мир, солидарност и заеднички развој“.
„Историскиот договор од Преспа од 17 јуни стави крај на проблем што траеше 25 години и повеќе во нашиот регион. Тоа е чесен договор кој обезбедува иднина на мир на двете држави и на нашето балканско соседство, како и солидарност и заеднички развој.
Сложеното име со географска одредница за севкупна употреба и ревизија на уставот е целосно во согласност со цврстите грчки позиции и ја докажува волјата на соседната земја за мирен соживот на двата народа.
Договорот ја растури ‘сивата зона‘ што ја создаде долгогодишното нерешено прашање на ‘поранешната држава‘ и го потврди, со меѓународен печат, политичките, историските и културните граници меѓу грчка Македонија и ‘Северна Македонија‘. Тоа е единствениот начин да се расчисти со иредентизмот на Балканот, еднаш засекогаш.
Со Договорот исто така се почитува достоинството и правото на сопствена идентификација на соседната земја. Потврдата на јазикот (како што беше признат од Грција со децении) и националноста на соседната земја ја потврдува волјата на Грција да гради долга иднина на пријателство и мир со ‘Северна Македонија‘. Грција, како демократска европска земја, ги почитува одлуките и фундаменталните принципи на ОН.
Во овие историски времиња кога Европа се соочува со пораст на крајната десница, национализмот, шовинизмот и расизмот, феномен кој доведе до крвопролевање во Европа и на Балканот; во овие историски времиња кога во нашата земја, со овој договор, се соочуваме со чудовиштето на фашизмот и сите оние кои го хранат, кругови кои го претставуваат темното минато, го делат грчкиот народ и политичките сили на национални предавници и национални спасители, поделба која удира по темелите на демократијата; во време кога на Балканот и нашето пошироко соседство се замислуваат опасни ревизионизми кои превидуваат темна иднина:
Ние, левите, демократски, прогресивни граѓани го поддржуваме Договорот бидејќи ние сме против национализам и ревизонизми, бидејќи ние сме за европско балканско соседствосо мир и солидарност, бидејќи Договорот ги надминува националистичките и религиозните тензии. Ние се залагаме за достоинството на народите. Ние го поддржуваме договорот бидејќи сметаме дека тоа е наша патриотска, меѓународна и демократска должност“, пишува во писмото од грчките интелектуалци.