Според извештајот на Европската комисија

Повеќе напади и закани кон новинарите, самоцензура, финансиска неодржливост на медиумите...

Посебно влијание на работата на новинарите во изминатата година имаше кризата  предизвикана од ковид-19, при што беше зголемена тензијата во секторот. Нападите кон новинарите се зголемија, а ветената нулта толеранција не се оствари со оглед дека остана висок степенот на неказнивост. Реформите кои се ветуваа во МРТ и Агенција за медиуми останаа уште една година нереализирани, се наведува во годишниот извештај од Европската комисија.

Во него стои и дека е потребно да се продолжат напорите за прифаќање на саморегулација во медиумите кои би биле проследени со конкретни резултати и кои би ги задржале професионалните стандарди на новинарството, како и тоа да се обезбеди поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии.

Во однос на МРТ, пишува дека освен што има најмал буџет, истечен е и мандатот на советниците како што е и случајот во Агенцијата за медиуми. Финансиската самостојност како и мерит системот за избор на менаџментот во овој медиум се два основни предуслови за независноста на јавниот сервис.

Извештајот вели дека властите, од нивна страна треба да ги зголемат напорите за реформа на МРТ, обезбедувајќи ја независноста и финансиската одржливост на јавниот сервис. Буџетот на МРТ е 13,1 милиони евра како што е нотирано во Извештајот и тоа е најнискиот буџет во последните десетина години кои го има овој медиум. Јавниот радиодифузен сервис усвои петгодишна стратегија за развој, но процесот на реформи е отежнат заради доцнењето во именувањето на членовите во неговиот Програмски совет и во Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги кои имаат истечен мандат.

Дополнителни економски проблеми предизвика кризата со ковид – 19. Во Извештајот се нагласува дека медиумите беа вклучени во пакетот за помош, но работничките права на новинарите се уште остануваат сериозен предизвик. Финансиската одржливост на медиумите и расположливото финансирање продолжуваат да ја зголемуваат загриженоста за интегритетот и независноста на медиумите. Потребни се дополнителни мерки за поддршка на професионалното и истражувачкото новинарство. Се наведува и истражувањето спроведено од самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) кој покажа дека 23% од медиумските работници немаат здравствено и социјално осигурување, 19% одговориле дека менаџментот на медиумите не дозволува работниците да формираат синдикат. Ниските приходи, како и непочитување на законот за работни односи од страна на работодавачите се заеднички и постојани предизвици за новинарите. Поради лошите работни услови, новинарите и медиумските работници изложени се на самоцензура.

Во делот за препораките, означено е дека тие кои што беа донесени во текот на 2020 година остануваат валидни, но се нагласува дека во наредната година, земјата треба да ја ревидира правната рамка во областа на медиумите во согласност со правото на ЕУ и европските стандарди како и да ги финализира составите на Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми. За потсетување, мандатите на членовите во двете дела се истечени, а Собранието не ја отпочна постапката за избор на новите членови иако на два наврати имаше објавен повик на кој се пријавуваа заинтересирани кандидати.

Во делот за закани и насилство врз новинарите, се наведува дека тие се зголемени и нултата толеранција резултира со двоцифрен број на посериозни инциденти. Во овој дел потребно е да спроведе пристап за нулта толеранција во врска со заплашување, закани и акти на насилство врз новинарите во остварувањето на нивната професија и да се обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Случаите на физичко и вербално насилство и закани кон новинари и медиумски работници се зголемија, додека нивните работни услови, особено работничките и социјалните права, остануваат тешки.

Во Извештајот е наведена и статистика во врска со напад врз новинари. Во 2020 година во Министерството за внатрешни работи се регистрирани 10 случаи на заплашување на новинари, додека ЗНМ регистрираше 2 физички напади и 12 различни форми на вербални закани по живот и други заплашувања. На почетокот на 2021 година, исто така, се регистрирани еден физички напад и една смртна закана. Се препорачува органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство да ги следат инцидентите со новинари, но потребна е подобра координација помеѓу различните институции за побрзо постапување по пријавените прекршоци и спречување неказнивост на сторителите. Се предлагаат нацрт – измени на Кривичниот законик, со цел да се зајакне заштитата на новинарите и другите медиумски работници со нивно сместување во групата професии кои ќе добијат дополнителна заштита кога ќе бидат изложени на напади и закани поради природата на нивната работа. Оваа препорака е делумно исполнета бидејќи измените на овој закон се уште не се изгласани во Собранието на РСМ.

Понатаму се вели дека Здружението на новинари како и меѓународните медиумски организации забележаа зголемување на заканите кон новинарите од страна на политичари и јавни службеници, како и малтретирање преку интернет и вербални напади, вклучително и на социјалните мрежи.

Што се однесува до платената политичка програма, во извештајот се наведува дека таа останува проблем.

„Можноста политичките партии да користат државно финансирање за политичко рекламирање во медиумите, останува загриженост меѓу медиумските асоцијации, поврзана со можното влијание врз независноста на медиумите“, пишува во извештајот и се додава дека говорот на омраза е незаконски и онлајн и оф-лајн, но останува распространет преку Интернет.

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе