„Остануваме цврсто посветени на спроведување на реформите за борба против организираниот криминал и корупцијата, и во таа насока особено ја цениме американската поддршка“, кажал Пендаровски и го поздравил билатералниот стратешки дијалог со САД како позитивен импулс во меѓусебните односи за унапредување на соработката во областа на одбраната, безбедноста, владеењето на правото, економијата, енергетиката и климатските промени.
„На средбата соговорниците дискутираа и за политичката динамика и економската ситуација во Европа, предизвикана од руската инвазија врз Украина, при што претседателот Пендаровски ги потенцираше преземените мерки од страна на Северна Македонија како земја-членка на НАТО и го реафирмираше ставот за целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Осврнувајќи се на безбедносните случувања и последиците врз Балканот, претседателот алармираше на важноста за деблокада на македонските евроинтеграции и изнаоѓање на конструктивно решение за недоразбирањата со Бугарија.
Со оглед на актуелните случувања во Украина и на европскиот континент, претседателот додаде дека неопходно е преговорите за членство во ЕУ да започнат што побрзо, поради ризикот од поткопување на поддршката за европската интеграција и забавување на темпото на реформските процеси како владеење на правото, реформи во судството и борба против корупцијата“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.