Пораки од ЕУ: Македонија и Бугарија билатерално да го решат проблемот, а земјава да ги забрза реформите

Интеграцијата на Македонија во Европската Унија нема алтернатива, а со цел деблокирање на усогласувањето на преговарачката рамка за земјата важно е да се работи со Бугарија на надминување на разликите и времето да се искористи земјата да го забрза процесот на реформите, порачаа вчера шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир и германската амбасадорка Анке Холштајн.

Гир во интервју за МИА посочува дека нема план Б, туку целта е пристапување на Македонија во Европската Унија. Оптимист е, вели, и она што сега следува е усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори.

„Овие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. Во меѓувреме, она што е важно, е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред“, подвлече Гир.

 На прашањето на МИА дека очигледно за ЕУ е хендикеп вклучувањето на билатералните спорови во процесот на проширување, а особено е опасно историјата да стане предуслов за членство, Гир вели дека во овој случај важен е фокусот на две работи – Македонија и Бугарија да го решат спорот на билатерална основа и земјава да ги забрза реформите.

„Нема да одам во детали за тоа што е дискутирано. Важно е да се фокусираме на она што е важно во овој случај. Две работи се неопходни – првата е Република Северна Македонија и Бугарија да продолжат да се ангажираат да ги решат своите прашања на билатерална основа и второ – во меѓувреме Владата тука да го имплементира и да го забрза реформскиот процес. Зошто тоа е важно – прво, заради тоа што е од најголема важност за граѓаните, но второ реформите, и реформите поврзани со ЕУ се најбрзиот начин да се приближите и да се приклучите кон европското семејство“, дециден е Гир во интервјуто за МИА кое целосно ќе биде објавено денеска.

Според германската амбасадорка Холштајн, меѓу Македонија и Бугарија има добрососедски односи, а постои и Договор за добрососедство, кој што треба да се исполни со живот и консеквентно да се спроведе. Во интервјуто за Студио 10 на Телевизија 24, Холштајн истакнува дека Германија и натаму ќе остане силен поддржувач на Македонија. Важно е, порачува таа, да се искористи времето за реформи и Европа да се донесе во Македонија.

Таа се осврнува и на Елисејскиот договор, подвлекувајќи дека и со него не се споменувале пречки од типот на идентитет, јазик и историја меѓу Франција и Германија.

„Елисејскиот договор е склучен 18 години по крајот на Втората светска војна и ставил крај на т.н. исконско непријателство меѓу двете земји, со што се создала политичка, правна и симболична основа за заедничка соработка, нагласи амбасадорката.

Во однос на ЕУ, таа потенцира дека тоа е заедница на вредности: демократија, правна држава, независно судство, слободни медиуми и целосна еднаквост за сите.

„Тоа се вредности на кои ЕУ почива како целина и тоа е и нашиот слоган „единство во разноликост“. Не смееме да толерираме во земји членки да има развои кои се далеку од тие вредности“, истакнува Холштајн.

Претседателот на Владата Зоран Заев вчера порача дека Владата има единствен став за дијалогот со Бугарија, а тоа е во овој период да работи на Акцискиот план, кој значи создавање позитивна клима, унапредување на соработката, но и позитивна клима за политичките прашања.

„Сензитивни прашања не се решаваат во предвечерието на избори“, истакна премиерот Заев во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Тој потенцира и дека ние не смееме да си дозволиме да испратиме порака дека за нас постои алтернативно решение, освен полноправното членство во ЕУ, кое го поддржуваат 75 отсто од граѓаните.

„Ние со ЕУ имаме 1 отсто царина, ние сме во европскиот пазар. Ако ги подигнеме и имплементираме европските стандарди дома, ние ќе бидеме комплетно дел од тој заеднички европски пазар и затоа Европската економска заедница не е алтернатива за нашето членство во ЕУ. Само од нас зависи колку ќе ги кренеме нашите перформанси дома. Ги намаливме царинските давачки за ЕУ согласно Договорот за стабилизација и асоцијација и Светската трговска организација, и сето тоа не прави ние да бидеме веќе внатре. Ние сме во голема мерка во европскиот пазар“, истакна премиерот Заев.

Запрашан за оспорувањето на македонската придавка, македонскиот јазик, идентитет, Заев е дециден дека за идентитетски прашања никаде во свет не се преговара, ниту пак ние ќе преговараме.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија, постигна напредок на вчерашната онлајн средба, на која се дискутираше за усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба.

Како што соопштија за МИА извори од Комисијата, двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на 10-та средба беа надминати неколку прашања поврзани со содржината на записникот. Во периодот до наредната редовна средба, која начелно е договорена да се одржи на 25 и 26 февруари, ќе се продолжи со работа во однос на останатите прашања од записникот од 10-та и за записникот од последната, 11-та средба на Комисијата.

Годинава се очекува Комисијата да има пет состаноци. Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 4 декември, минатата година.

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе