понеделник, 8 декември 2025

Пописни дилеми – колку жители имаат христијанска и муслиманска религиска ориентација?

Објавено на

часот

Сподели

Ако направиме и збир со лицата кои се изјасниле како припадници на другите секти и религиски групи со христијанска основа, тогаш доаѓаме до бројката од 1.100.732 лица.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски кога ги објави податоците од пописот кон крајот на март, за ваквата нелогичност во пописните податоци рече дека верската определба е интимна работа на секој граѓанин и дека затоа попишувачите морале да запишуваат онака како што им било речено од граѓаните кои биле попишувани.

Веројатно дека при изјаснувањето на попишуваните лица или станувало збор за забуна или за незнаење, па така во македонските пописни резултати имаме лица и христијани и православни и католици и протестанти!

Државниот завод за статистика деновиве објавува подетални податоци од пописот и по општини и според полова, возрасна и друга структура, па така, од табелата во прилог на текстот може да се забележи дека математички може да се дојде до бројката од над 1,1 милион граѓани кои можеме да ги подведеме под христијанска ориентација. Покрај оние кои се дефинирале под општиот термин христијани (242.579 лица), со православна определба се изјасниле 847.390 граѓани, потоа како католици 6.746 граѓани, како протестанти 1.313, како евангелисти 678, како евангелисти – методисти 889 граѓани, а како припадници на сектата Јеховини сведоци со христијанска основа 1.137 лица.

Кај муслиманската вера во пописните резултати нема место за дилеми, односно претставена е само една категорија – муслимани, чија бројка на граѓани кои изразиле таква верска припадност изнесува 590.878 иако и таму можело да има и поспецифично изразување на ориентацијата.

По градови може да се забележи голема разлика меѓу населението и нивната религиска ориентација, особено меѓу западна и источна Македонија, а Скопје би можело да се земе како некаков пресек на вкупните податоци, што може да се види од табелите.

Има уште една бројка која изненадува – пописот вели дека во Македонија како атеисти и агностици се изјасниле вкупно 8.764 лица, што претставува мала бројка имајќи предвид дека во секоја држава не е мал бројот на оние кои не се верници, а особено затоа што земјава имаше и четири и пол децениско социјалистичко управување, кога припадниците на комунистичката партија по дефиниција, не се верници. Можно е сепак, доколку податоците се точни, таа бројка да е далеку поголема зашто треба да се верува дека дел од оние кои не се верници се изјасниле како христијани поврзувајќи го тоа повеќе со националната припадност, а зголемувајќи ја така категоријата „христијани”. Се разбира, исто така е можно како муслимани да се изјасниле и дел од оние кои всушност немаат религиска припадност поврзувајќи се со тоа на пописот со некоја од етничките заедници.

Како атеисти и агностици, но секако и како припадници на некоја религиозна група веројатно би се изјасниле и голем број од граѓаните кои не беа попишани, односно кои или не биле најдени дома од попишувачите или одбиле да им отворат врата, а која бројка не е за занемарување и изнесува 132.260 лица.

На прашањето од попишувачите за религиската припадност на пописот не се изјасниле 1.964 лица, кои можеби сметале станува збор за интимно чувство кое не треба да се искаже пред непознато лице, иако попишувачот е службено лице кое гарантира доверливост на податоците. Но треба да се има предвид и препораката од самиот Државен завод за статистика дека секој граѓанин има право да се изјасни или неизјасни во поглед на прашањата кои можат да се подведат под поимот „интимно чувство”.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ