Економски форум во Скопје

Поотворена од „Опен“ здравје: Заев со Вучиќ и Рама ги повика сите што сакаат да се приклучат на „Отворен Балкан“

Иницијативата „Отворен Балкан“ е платформа која му е потребна на регионот. Денеска отворивме нови перспективи за нашите држави, народи и општества. Нашите народи пред себе имаат ист пат, иста визија и исти европски вредности. Балканот долго беше опкружен со ѕидови, а наместо ѕидови денеска изградивме нови мостови, е пораката од денешниот Економски форум што ја упатија премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Отворен Балкан оди напред, соработката ќе ја прошириме и на други полиња, значајни за нашите држави, за нашите граѓани и за нашите општества“, рече Заев во обраќањето пред медиумите.

За Вучиќ оваа визија е фантастична и сево ова се прави обичниот граѓанин да живее подобро.

„Ќе бидеме партнер и на Северна Македонија и на Албанија за регионалната стабилност и за подобрување на животите на сите граѓани. Ова е фантастична визија, и мораме до името на нашите граѓани да ги испорачаме резултатите. Ако успееме да го минеме патот до Тирана без ниту една граница и да стигнеме до нашата друга финална дестинација со брзи патишта и брза железница, ќе направиме многу. Го правиме ова обичниот граѓанин да го почувствува напредокот“, изјави Вучиќ.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, говореше за отвореноста на иницијативата и рече дека таа не е ексклузивна туку инклузивна, сеопфатна, отворена и слободна за сите земји кои сакаат да работат според нивниот интерес и нивната логика.

„Албанија овој процес ќе го развива со сите кога и каде да е можно. За нас не е проблем ако некој нема да преземе нешто, ние сакаме заедниците на нашите земји да ја имаат европската слобода во нашиот регион и нема проблем за нив“, изјави Рама.

Во контекст на регионалната соработка, тој се присети на земјотресот во Албанија, и колку на земјата и значела помошта од Србија и Македонија во тие тешки мигови.

„Кога ќе се сетам на 2019 година и земјотресот во Албанија, се активираа сили за спасување од целиот регион. Дојдоа многу брзо, а меѓу нив имаше и од Србија и од Северна Македонија. Што сфативме во тој трагичен момент? Разбравме колку е битно да не се чувствувате сами и колку е вредно на еден опустошен терен каде што имаше стотици луѓе под урнатини да имаш повеќе сили на располагање. Денеска ние потпишавме еден договор за да сме заедно во сите околности кога во каков било случај ќе се најде некоја од нашите земји под стресот на природните сили. Ова е душата на оваа иницијатива“, изјави Рама.

Отвореноста на иницијативата ја прокоментира и премиерот Заев, изјавувајќи дека остануваат отворени за секој што сака да се приклучи.

„Поотворен од Опен, здравје. Отворивме цела лепеза која ќе донесе добро на нашиот народ“, рече Заев.

Заев, Рама и Вучиќ договорија заеднички да дејствуваат и да си помагаат при природни непогоди, да ги отворат границите меѓусебно за да можат граѓаните да работат слободно во секоја од трите земји и да направат административни подготовки за да се обезбеди слободно движење на стоките, со нула чекање на границите на први јануари 2023 година. Целта, како што велат, е да се создаде единствен пазар без граници за луѓето, капиталот и производите.

Коморите ќе помагаат бизнисмените да се откријат едни со други, министерствата во трите земји ќе ги усогласат софтверите и системите за ДДВ за да можат да поминуваат камионите со стоки без запирање и меѓусебно ќе се промовираат туристичките можности на секоја од трите земји. 

Исто така, се планира да се формира Балканска филмска комисија за да се промовираат и развиваат талентите во регионот, да се организираат заеднички вински фестивали кои, според Вучиќ, нема да видат најголеми во Европа но можат да бидат меѓу петте најголеми и  заеднички да се организираат саеми на производи од регионот. Се планираат и регионални спортски натпревари, заеднички ќе се  идентификуваат фондови што ќе бидат употребени за дигитална и зелена транзиција, во Македонија ќе биде поддржан фотоволтаичен проект што ќе ги снабдува трите земји со енергија, албанската хидроцентрала Скавица ќе извезува обновлива енергија за сите три земји, ќе се работи на железничко поврзување од Драч преку Македонија до Бугарија, а  Заев најави напори за железничко поврзување со брзата пруга од Будимпешта до Ниш и натаму до нашата граница.

Се најавува и меѓусебно признавање на дипломите и квалификациите , меѓусебни привилегии и попусти во рестораните, хотелите, на патарините и слични олеснувања кои ќе ги почувствуваат граѓаните за да сфатат колку е подобар животот кога се работи заеднички.  

 

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе