Брисел-Скопје

Помина и јуни, преговарачката рамка ќе ја чекаме во јули

Работиме ден и ноќ и нацрт преговарачката рамка за Македонија и Албанија ќе биде доставена во почетокот на јуни, изјавуваа од Брисел за евроинтеграциските процеси на овие две земји. Така велеа и македонските функционери. Но, во Скопје и Тирана сѐ уште ги чекаат насоките за тоа како до членство во ЕУ.

Од Канцеларијата на ЕУ во Македонија велат дека Европската комисија работи на „нацрт-рамката за преговорите за Северна Македонија и Албанија и таа е во завршна фаза. Фактот дека Европската комисија одвојува време за финализирање на нацрт-рамките, покажува колку се важни овие документи. Од ЕК сакаат да дефинираат рамки кои ќе бидат колку што е можно посеопфатни бидејќи треба да се даде цврст предлог за земјите членки да го разгледаат. Очекуваме преговарачката рамка да биде претставена пред Советот на ЕУ што е можно поскоро“, ни изјавија од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Од Институтот за европска политика сметаат дека ова доцнење се должи на новата методологија која е усвоена, а условувањата од страна на Бугарија ќе се појават во подоцнежна фаза.

Малинка Ристевска -Јорданова од Институтот вели дека нацртот е сѐ уште во меѓуресорско усогласување внатре во Европската комисија.

„Според нашите сознанија, основната причина е примената на новата методологија, со оглед на тоа што преговарачката рамка е првиот, а и најважниот документ во кој методологијата треба да се конкретизира и разработи. Такво е, на пример, прашањето на разработка на принципот на реверзибилност. 

Бугарската изјава не ја обврзува Европската комисија, бидејќи таа не е документ усвоен од Советот. Реално е да се очекува Европската комисија во предлогот на преговарачката рамка – во делот за принципите - да го вклучи принципот на добрососедство, кој како клучен принцип на процесот на стабилизација и асоцијација е содржан и во досегашните преговарачки рамки, па и конкретно да го спомене спроведувањето на договорите со Грција и Бугарија. Но, примената на новата методологија значи да се примени и принципот билатералните спорови да не се внесуваат во пристапниот процес. Очекуваме бугарските ставови да станат поактуелни кога предлогот на преговарачката рамка ќе биде доставен до државите членки, бидејќи е потребен консензус за усвојување на документот, а Бугарија секако лобира тие да се внесат во преговарачката рамка“, вели во изјавата за МКД.мк Ристевскаа-Јорданова.

Таа вели дека ставовите што ги зазеде Бугарија и ги презентираше во ЕУ се нејзино искривено толкување на Договорот за добрососедство, па и додавање прилично екстремни барања за кои нема никаква основа во Договорот.

За на есен е најавено одржувањето и на првата меѓувладина конференција, која всушност значи старт на преговорите, но претходно ќе мора да дојде до усогласување на преговарачката рамка, а ќе зависи и од развојот на настаните кај нас, најмногу од изборите.

А.Д.

Оваа парафраза на големиот Иво Андриќ, нобеловец и водечко книжевно име на Балканот, за малку ќе го погодеше лично него.

повеќе

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе