Побара реформа на „бизарниот“ систем

Политико: Макрон остави зрак надеж за Северна Македонија

Францускиот лидер ги отфрли разговорите за членство со Албанија, но се чини дека остави зрак надеж за Северна Македонија, вели Политико.

Францускиот претседател Емануел Макрон во средата побара измени во системот за внесување нови членки во Европската Унија, нарекувајќи го „бизарен“, еден ден откако Париз се најде осамен по ова прашање.

На состанокот на министрите на ЕУ во Луксембург, Франција одби да се почнат преговори за членство со западнобалканските земји Северна Македонија и Албанија. Таа, исто така, го блокираше и краткото соопштение во кое се вели дека ЕУ ќе ѝ се врати на темата по самитот на лидерите во Брисел оваа недела, велат дипломатите.

Иако Париз има неколку сојузници во одбивањето на преговорите со Албанија, владата на Макрон беше осамена во блокирањето на почетокот на преговорите со Северна Македонија, рекоа дипломатите. Ставот на Франција предизвика гнев кај некои други членки на ЕУ и за ова прашање ќе се расправа на овонеделниот самит, при што германската канцеларка Ангела Меркел е меѓу оние што ја притискаат Франција да го ублажи својот став.

Критичарите на Франција тврдат дека таа ризикува да ги уназади напорите за стабилизирање на Балканот и да ги зајакне ривалските сили во немирниот регион на јужниот дел на ЕУ. Тие, исто така, тврдеа дека особено Северна Македонија ги исполнила тешките услови поставени од ЕУ, вклучително и решавањето на долготрајниот спор со Грција, и дека непочнувањето преговори со Скопје многу ќе му наштети на кредибилитетот на блокот.

Некои ЕУ-дипломати сметаат дека Макрон го користи прашањето за проширување на ЕУ како адут за да добие отстапки на други полиња. Но на заедничката прес-конференција со Меркел во францускиот град Тулуз, Макрон инсистираше дека на процесот на пристапување му требаат коренити промени.

Тој јасно стави до знаење дека во оваа фаза не може да прифати преговори со Албанија, но се чинеше дека остави простор за маневрирање за Северна Македонија.

„Мислам дека мора да ја реформираме оваа процедура, која во моментов е неповратна, не е прогресивна и не е адаптирана“, рече тој. „Ние правиме работи што се бизарни... Даваме визна либерализација, право на слободно движење меѓу нашите земји, пред дури и да ги почнеме преговорите“.

Макрон го наведе примерот на Албанија, чии граѓани можат да патуваат во Франција без виза, иако таа ги нема ни почнато преговорите за членство во ЕУ.

„Тоа е бизарно, како некој вид врска“, рече тој и праша како може да му каже на францускиот народ дека „сè ни оди толку добро што ќе почнеме преговори“ со Албанија, додека „илјадници и илјадници и илјадници“ Албанци бараат азил во Франција.

Макрон инсистираше дека сака да испрати позитивен сигнал до лидерите на Северна Македонија и Албанија за нивните напори за подобрување на владеењето на правото и демократските стандарди во последниве години. Тој рече дека, исто така, се согласува со Меркел дека Балканот е од големо стратегиско значење за ЕУ. Но рече и дека работите треба да се направат „според правилниот редослед“.

„Во духот на сериозноста и со оглед на дискусиите што ги имавме, ова ме наведува да мислам дека можеби ние сме тие што мора да побараат повеќе време за да ги постават работите според правилниот редослед“, рече тој.

Макрон направи споредба со една заедничка куќа за да ја илустрира својата поента дека ЕУ треба да се реформира пред да размисли за преземање нови членки.

„Европа е една голема и убава куќа, во која живееме заедно“, рече францускиот лидер.

„Пред неколку години еден член на семејството реши да си замине и тој многу се мачи да ја напушти куќата. А ние понекогаш имаме проблем да ја реновираме куќата, да ги поправиме светлата, електричната енергија. И, патем, голем број членови, кога ќе ги прашате, 'Дали сте подготвени да инвестирате за да ги поправите светлата, да ја смените вратата?' велат: 'Не, не сум подготвен да инвестирам во оваа куќа. Не повеќе од 1 процент'. Но истите луѓе понекогаш велат: 'И покрај тоа што не знаеме како луѓето можат да заминуваат, или како да реновираме, сакаме да поканиме нови пријатели'“.

Иако Макрон и Меркел се обидоа да ги испеглаат разликите во однос на проширувањето, тој коментар може да се толкува како шлаканица за Берлин - кој рече дека сака придонесите за следниот долгорочен буџет на ЕУ да не бидат поголеми од 1 процент од бруто националниот приход.

Меркел, од своја страна, рече дека го поддржува францускиот повик за реформа на пристапниот процес, но истакна дека постои отворено прашање за тоа кои услови треба да ги исполнат Северна Македонија и Албанија пред да ги почнат преговорите.

„Можеби има неколку различни нијанси по ова прашање, но ние денес и утре ќе разговараме за тоа колку далеку можеме да стигнеме до заедничкиот став“, рече Меркел.

„Во Европскиот совет сè мора да се одлучува едногласно, затоа сме должни - а прилично често успеваме во тоа - да најдеме заеднички ставови, и не само меѓу Франција и Германија“.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе