Скопје-Софија, преку Стразбур

Политиката на Македонија е да молчи во однос на пресудите на Европскиот суд во корист на ОМО Илинден во Бугарија

Неколку европски земји иницирале посериозна дипломатска активност во Советот на Европа за конечно спроведување на бројните пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските организации во Бугарија. Реакцијата на оваа иницијатива на македонското Министерство за надворешни била македонските дипломати да не се мешаат многу во оваа работа, дознава МКД.мк.

Нашите извори тврдат дека реакцијата на македонските дипломати во Стразбур не се совпаднала со препораките од Скопје. И покрај тоа, препораката од македонското МНР е важечка и се сведува на тоа Македонија да не се приклучува кон ваквите иницијативи.

Европскиот суд за човекови права досега донесе повеќе од десет пресуди во корист на македонските организации и партии во Бугарија, каде надлежните органи не дозволуваат нивна регистрација. Оваа недоследност на Бугарија, како членка на Советот на Европа, која не ги спроведува судските пресуди се провлекува веќе со години. Во моментов има шест неизвршени пресуди во врска со одбивањето да се регистрираат здруженијаза да се постигне признавање на македонското малцинство во Бугарија. Овие пресуди се испитуваат во контекст на групата ОМО Илинден и други групи.

Еве го во целост одговорот на македонското Министерство за надворешни работи на нашите прашања поврзани за овој случај.

Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права е важен елемент во контекст на обезбедување на ефикасноста на системот воспоставен со Европската конвенција за човекови права, за кој Северна Македонија, како членка на Советот на Европа, принципиелно се залага.
Набљудувањето на извршувањето на пресудите, како механизам воспоставен со Конвенцијата, се реализира во рамки на Комитетот на министри, кој четири пати во годината одржува редовни состаноци посветени на оваа тема, кои не се свикуваат на барање на поединечни држави. Притоа, најголем дел од пресудите не се дискутираат, а на дебата се ставаат посериозни случаи од комплексен карактер, меѓу кои и групата пресуди (актуелно 6) донесени против Бугарија во врска со ОМО Илинден и други и нивното право на слобода на собирање и здружување (член 11 од ЕКЧП). Секоја држава има право да учествува на дебатата за која било пресуда против која било држава, врз основа на документите што ги подготвува Секретаријатот на Совет на Европа на објективен и професионален начин, имајќи ги предвид обврските за државите кои произлегуваат од пресудите, информациите кои засегнатите земји имаат обврска да ги доставуваат за преземените активности за имплементација на пресудата на национално ниво, информации од самите апликанти...За пресудите ОМО Илинден и други против Бугарија во ваков формат е дискутирано во јуни 2021, во март оваа година, без дебата која е одложена за декември 2022, е донесена одлука во врска со случаите, која е јавно достапна.
Воедно Северна Македонија, се залага и повикува во рамки на Советот на Европа на важноста од имплементацијата на сите пресуди на Европскиот суд за човекови права од страна на земјите и ефективен систем за супервизија на извршување на пресудите“, одговорија одговорните од МНР.
Навистина е тешко да се разбере кој е всушност ставот на Македонија во однос на посочената иницијатива од неколку европски земји, членки на Советот на Европа.

Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на делегацијата на македонското Собрание во Парламентарното Собрание на Советот на Европа, досега неколку пати во Стразбур дискутираше на оваа тема.Тој во изјавата за МКД.мк оценува дека е неразбирливо однесувањето на МНР за овој случај.

Македонија не прави ништо за да се притисне Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на Македонците во Бугарија.

Постојат бројни механизми во рамки на Советот на Европа кои треба да се искористат. Во МНР има голем број експерти кои можат сериозно на придонесат во користење на овие механизми. Прашањето е дали има политичка воља за тоа. За жал во моментов нема“, рече Николоски.

А.Д.

 

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе