Политичко-безбедносните кадровски игри со директорското место на АНБ завршуваат со Магдалена Несторовска

По многубројните комбинаторики за можниот наследник на Виктор Димовски на функцијата директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во финишот влегува Магдалена Несторовска, актуелен државен секретар во МВР. Ова, според партиски извори од СДСМ, е компромисното прифатливо решение, кое нема да предизвикува натамошни судири меѓу Миле Зечевиќ, генералниот секретар на СДСМ, и Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи од истата партија.

Mагдалена Несторовска

Откако Виктор Димовски беше именуван за амбасадор на Македонија во Франција, кадровската кујна на СДСМ почна да се вжештува за местото директор на АНБ. Се споменуваа имињата на Заре Милошевски, Зоран Мацкиновски или Љупчо Мреновски. Фаворит беше Заре Милошевски, началникот по екстремизам во АНБ, кој важи за близок човек до Миле Зечевиќ. Тој е брат на Томе Милошевски, поранешен помошник-министер на одделот за обезбедување на ВИП-личности и објекти, кој често знаеше и јавно да ја критикува владата на Зоран Заев.

Зоран Мацкиновски е началник за стратегиска соработка, а Љупчо Мреновски, началник на одделот за контраразузнавање.

Свои фаворити за оваа функција има и Оливер Спасовски - Магдалена Несторовска, актуелен државен секретар во МВР и шефот на одделот за крим-полиција при МВР, Оливер Лукаревски.

Веќе подолго време во политичко-безбедносниот врв траат лобирањата за наследникот на Димовски. На една од седниците на собраниската Комисија за надзор на работата на Агенција за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, пратениците на СДСМ ја бојкотираа седницата кога требаше да се расправа за предлогот на сѐ уште актуелниот директор Димовски за пополнување на позицијата за нов началник на внатрешна контрола во АНБ. Внатрепартиските игри во владината коалиција, кадровските решенија и блискоста до одредени структури внатре во партијата сериозно влијаат на нормалното работење на безбедносните структури на Македонија. Членови на комисијата велат дека се работи за класична пресметка на криминалните крила во партијата.

Еве како членот на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ ја коментира оваа ситуација:

„Според мене, деновиве се случува најинтензивниот судир во тајните служби во Македонија од самостојноста, па сѐ до сега, што не добива соодветно медиумско внимание бидејќи има инфлација на лошо вести во јавноста, пред сѐ во економскиот дел. Да беа понормални условите во државата, ова ќе беше тема број еден, неспоредлива со било што претходно видено во разузнувачката заедница, односно во тајните служби, а тоа е директен судир на две криминални крила во рамки на СДСМ кои се борат помеѓу себе за превласт во АНБ, односно поранешната УБК. Зошто се борат за превласт? За да можат да ги заштитат сега додека се на власт и да им ги покријат трагите за криминал, па така се случи кадарот на СДСМ, Виктор Димовски, кој што од СДСМ беше предложен и стана директор на АНБ, а сега амбасадор во Франција, односно во Париз, да предложи човек за директор за внатрешна контрола кој по сила е втор човек во АНБ. Согласно законот тој предлог треба да оди пред соодветната собраниска комисија и соодветната собраниска комисија да даде или да не даде дозвола секако откако ќе се расправа за предлогот“, изјави Николоски.

Тој вели дека со ова што се случува во Агенцијата за национална безбедност јасно покажува дека постојат една нескриена битка помеѓу две криминални крила во власта. „Се случи да пратениците од СДСМ да ја бојкотираат комисијата, односно воопшто да не се појават на расправа што само говори кој е нивниот став во однос на предлогот и јасно оцртува две крила во разузнувачката заедница блиски до едни други структури во рамки на власта. Во моментов постои една нескриена битка во рамки на власта за наследник на Виктор Димовски, односно за директор на АНБ. Се поставува и прашањето од каде толку енергија за судир во разузнувачкиот свет внатре во власта и зошто е толку атрактивна Агенцијата за национална безбедност, а одговорот е само еден, дека има сериозна намера да се злоупотребува работата на АНБ“, вели Николоски и додаде дека АНБ од власта се злоупотребува за да се следат лица од ВМРО-ДПМНЕ.

„Наместо да работи АНБ да спречи грчко или бугарско влијание во Македонија кое што им е работа или да спречи појава на радикален тероризам, тие се занимаваат со опозицијата и со тоа како да ја растурат ВМРО-ДПМНЕ, но ни им успеало, ниту пак ќе им успее“, додаде тој.

Магдалена Несторовска е поранешен шеф на кабинет на министерот Оливер Спасовски, советник во Министерството за одбрана и советник во Општина Карпош. Таа беше и една од кандидатките за министерка за одбрана во кабинетот на Димитар Ковачевски.

А.Д.

Сведоци сме деновиве на сензационална приказна за некаков американски тим кој, внимавајте, агресивно ќе ловел корупција во Македонија.

повеќе

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе