среда, 24 април 2024

Грчкиот Врховен суд им забрани на десничарите да влезат во изборната трка за Европарламентот

Врховниот суд на Грција денеска ѝ забрани на крајнодесничарската партија што функционира под името Спартанци да се кандидира на годинашниве избори во Европарламентот, објавија грчките медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Судски извори ја потврдиле информацијата за Ројтерс, со оглед дека во Грција судските одлуки не се објавуваат веднаш. Судот донел одлука според која партијата не ги исполнила поставените услови за учество на изборите.

Овој месец, јавниот обвинител на Врховниот суд нареди да се покрене обвинение против 11 пратеници што беа изворно избрани на листата на Спартанците, под сомнение дека на националните избори одржани во јуни 2023 година ги измамиле гласачите добивајќи упатства од политичар што бил и сѐ уште е во затвор.

Петмина од нив оттогаш станаа независни претставници.

Се очекува во наредните денови изборниот суд да донесе одлука дали 11-те пратенички места може да се распределат меѓу претставниците на другите партии во 300-члениот парламент или ќе треба да се повторат изборите во регионите каде што биле избрани.

На минатогодишните избори, три ултранационалистички партии освоија места во парламентот, добивајќи повеќе од 12 отсто од гласовите.

Судскиот епилог предизвика политички превирања и откри сѐ поголем јаз меѓу 11-те пратеници, кои разменија остри обвинувања.

Во средата, 33-годишниот пратеник што во февруари поднесе оставка од пратеничката група Спартанци беше приведен откако со тупаница во лице удри член на друга ултранационалистичка партија.

Партијата Спартанци едвај беше спомната во анкетите пред изборите во јуни 2023 година сѐ додека Илиас Касидиарис, кој отслужува затворска казна за неговата водечка улога во забранетата крајнодесничарска партија Златна зора, не ја поддржа од својата затворска ќелија.

Во средата, грчкиот Врховен суд одобри претставници на 31 партија да се натпреваруваат на изборите за ЕУ ​​од 6 до 9 јуни.

Потоа гласачите во целиот 27-член блок на земји-членки ќе изберат 720 нови члена на ЕП, кои ќе бидат на таа позиција во следните пет години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ