Во очекување на Пописот на населението

Почна лицитирањето со процентот на Албанци во Македонија

Ружди Матоши од Алијанса за Албанците тврди дека во Македонија 40 проценти од населението се Албанци, додека пак, според аналитичарот Нијази Мухамеди, 47 проценти се Албанци. Мухамеди вели дека „отсега треба да се кажува дека Албанците се мнозинскиот народ“. Даут Даути пак вели дека изборите потврдуваат дека за такви проценти не може да се говори.

Професорот Ружди Матоши, функционер на Алијанса за Албанците, вели дека во Македонија 40 отсто од населението се Албанци и дека вкупниот број изнесува околу 800 илјади.

Како што пренесуваат медиуми на албански јазик, Матоши вели дека 55 проценти од населението во земјава се Македонци, 40 проценти Албанци, а дека остатокот се Турци, потоа Роми, Власи, Срби и други.

Според аналитичарот Нијази Мухамеди, уште е повисок процентот на Албанци. Како што пренесува агенцијата ИНА, во телевизиски настап Мухамеди кажал дека Албанците сочинуваат 47 проценти од населението и дека „Албанците се мнозинскиот народ“, додека Македонци се 40 проценти. На прашањето како дошол до такви бројки, Мухамеди кажал дека се повикува „на една меѓународна институција“.

И Матоши во својата статистика се повикува на документ од некоја странска институција. Според двајцата, со Пописот на населението што треба да се спроведе годинава, ќе биде проблем да се утврди вистинскиот број на Албанци, затоа што „голем број од нив се наоѓаат во дијаспората, но треба да се попишат бидејќи редовно доаѓаат во татковината каде имаат имот".

Новинарот и аналитичар Даут Даути во репликата до Мухамеди рече дека би било интересно ако е така, но нагласи дека таквите бројки не се потврдуваат на избори.

„Не знам од каде се добиваат вакви проценти кога бројот на пратеници Албанци не е ни приближно до процентот за кој зборува Мухамеди", вели Даути и додава дека колкав е процентот на учество на дијаспората во вкупното население никој не може да знае.

„Можеме да ги броиме колку што сакаме, но погледнете ги изборите што се одржаа таму, дури ни 20 илјади гласачи не беа собрани на сите континенти! ", нагласи Даути.

Според Пописот од 2002 година, во Македонија процентот на Албанците е 25 отсто, а на Македонците 64 проценти.

Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива кон крајот на минатата година поднесе предлог за измена на Законот за државјанство, според кој, со изјави од тројца сведоци ќе можат државјанство да добијат лицата кои се родени или живеат во Македонија пред 8 септември 1991 година.

Според овие партии, причината за поднесениот законски предлог не е претстојниот Попис, туку обесправеноста на луѓето кои живеат без документи за живеалиште.

Но, за партиите од македонскиот парламентарен блок, како и за Министерството за внатрешни работи, вакви измени на Законот за државјанство се неприфатливи.

Според некои проценки, станува збор за политички обид да се зголеми бројот на Албанци за близу 70 илјади лица.

П.Џ.

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе