ПО ВОИНОТ НА КОЊ, ПЛОШТАДОТ ЌЕ ДОБИЕ „ОБЈЕКТ СО СКУЛПТУРАЛНА КОМПОЗИЦИЈА“

Почна изградбата на споменикот на Мајка Тереза, исечени и последните костени на плоштадот (ФОТО)

Тивко, преку ноќ и без стандардната церемонија со лопати и говори, фирмата „Бетон“ со ангажман од Министерството за култура ја почна изградбата на споменикот на Мајка Тереза. За потребите на новото споменична целина за скопјанката Агнеза Гонџа Бојаџиу, вредна близу 5,6 милиони евра, на градежната парцела веќе се исечени и последните 8-9 костени што со децении опстојуваа на централниот скопски плоштад „Македонија“. 

 

Скопје е можеби единствениот град на стариот континент што ќе има два споменици од иста историска личност на оддалеченост од неколку стотина метри. По оној на улица „Македонија“, сега обележје на нобеловката за мир во рок од 18 месеци ќе никне меѓу хотелот „Мериот“ и хотелот што го почна контроверзниот бизнисмен Кондоминас.

Таму веќе се сместени машинерија и работници. Поставена е и табла со градежен натпис „Објект со скулптурална композиција“, што всушност е официјално име на зданието. На таблата може да се види ситна визуализација од споменикот. Пред неколку дена во непосредна близина „никнаа“ и барокни светилки со безбедносни камери. Некои ова го карактеризираат како дополнителна „сигурност“ во случај на граѓанско незадоволство поради сè позаградениот и пренатрупан јавен простор.

Освен што се исечени костените, буквално е блокиран пешачкиот премин кон и надвор од плоштадот, па пешаците збунето вртат меѓу сите парцели и банките одзади, прашуваат и бараат алтернативен излез. Шетаат и бараат барем неколку метри слободен простор од Панорамското тркало, Офицерскиот дом, МЕПСО... па сè до пешачката зона крај кафулето „Тренд“. Минувачите можат да забележат дека точно насред парцелата на Мајка Тереза сè уште се наоѓа споменикот на Димитрија Чуповски. Веројатно ќе биде потргнат или преместен кога под полна пареа ќе почне да се ископува теренот.

Досега јавноста добиваше штури информации за овој проект. Првичната идеја дојде од Индиецот Субрата Рој, кој преку компанијата „Сахара Глобал“ имаше желба да подигне 32-метарско спомен-обележје од родената скопјанка. По тој повод во 2013 година му беше подарена градежна парцела од 621 квадратен метар, на истата локација беше откриена и спомен-плоча, но откако почнаа контроверзиите со индиецот и стана јасно дека Рој нема да биде „таткото“ на ова здание, тогаш како инвеститор влезе Министерството за култура.

Според информациите од Бирото за јавни набавки, ресорното министерство на изведувачот „Бетон“ ќе му плати 342.223.926 денари или околу 5,6 милиони евра. Средствата за доделувањето на договорот за јавната набавка се обезбедени од Буџетот на Република Македонија за 2015, 2016, 2017 и 2018 година.

По апсењето на Субрата Рој, самиот премиер Груевски на конгресот на партијата во Куманово обзнани дека споменикот ќе се гради од државниот буџет и со него би завршил проектот „Скопје 2014“, кој според истражувањето на БИРН требаше да чини 80, а моментално достигна над 627 милиони евра. Од првично најавените четириесетина споменици и објекти, се стигна и до над 130.

„Во делот на спомениците ни остана уште споменикот на Мајка Тереза кој ќе се финансира со буџетски средства“, ја пренесоа медиумите изјавата на Груевски од Конгресот.

Во изминатиов период беше изработен основниот проект за „објектот со скулптурална композиција“ од Градежниот институт „Македонија“, проектот беше ревидиран од „Балкан консалтинг“, а идејното решение е дело на Валентина Стевановска и Кирил Мукаетов. Стевановска е позната како водечки идеен автор во „Скопје 2014“, и зад нејзиното име се запишани „Воин на коњ“ (скоро 8,3 мил. евра), Портата „Македонија“ (6,1 мил. евра), Филип Втори (4,4 мил. евра), „Коњаникот“ на плоштадот во Гази Баба (близу 1 мил. евра)...

Проблемот е што досега не беше прикажана официјална визуализација, т.е. рендер со изгледот на новиот објект, додека меѓународна практика вели јавно објавување на идејното решение и образложување на зданија што се градат на јавна површина. Единствено е малата слика на таблата кај градежната парцела. Тендерите си течат, граѓаните бараат официјално соопштение со рендер за градбата, иако од ресорното министерство тврдеа дека јавноста ја видела скулптуралната композиција.

„Идејното решение е објавено, не знам како не сте го виделe“, одговори министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција 4 септември, откако новинар праша зошто не е даден на увид изгледот на скапиот споменик.

Фотографии со наводна макета на споменик на Мајка Тереза во март 2013 најпрво објави порталот Либертас, а потоа фотките ги презедоа и објавија скоро сите електронски и печатени медиуми. Уште постои „магла“ низ народот дали тоа е вистинскиот изглед на споменикот, или, пак, Стевановска и Мукаетов обмислиле поинакво здание за Гонџа Бојаџиу, кое јавноста би го видела дури откако ќе се извиши крај останатите десетици историски обележја и градби од „Скопје 2014“. 

Тогаш јавноста виде надолжна споменична целина која во задниот дел беше вметната скулптура и купола со изглед на наметката на Мајка Тереза. Последните месеци, пак, медиумите објавија дека „Бетон“ ќе има задача да изгради објект со тераса, фонтана, како и споменици на Мајка Тереза, калуѓерки, повеќе ангели, декоративни венци во форма на пехар и други релјефи. Според последните информации, фонтаната треба да биде направена од големи карпести површини од травертин со што ќе се добие изглед на природна карпеста површина. Објектот би требало да има тераса под која ќе бидат поставени декоративни скулптури, а ќе има и декоративен елемент во форма на пехар. Фонтаната би требало да има и столбови.

Од Министерството за култура побаравме да ни достават било каква визуализација од проектот, а чекаме одговор и за димензиите на објектот, официјалната висина и ширина, елементите и материјалите од кои ќе биде изграден споменикот, но и дали за потребите на градежните активности ќе има поместување на блиски обележја и подготвување на ново урбанистичко решение за протек на пешаци. Ќе објавиме веднаш откако би добиле повратен одговор.

Бојан Шашевски 

ДУИ е дел од влада која, дел поради пандемијата, а дел поради непостоење на политичка волја за реформирање на системот и искоренување на корупцијата и организираниот криминал создаде назадоволство кај граѓаните.

повеќе

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе