Еврокомесарот прецизира

Почетокот на преговори со Македонија е прашање на кредибилитет за ЕУ, вели Хан

Европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, вчера пред комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент повтори дека очекувањата на Европската комисија се дека во мајскиот извештај ќе препорача отворање на преговори со Северна Македонија доколку бидат исполнети поставените услови.

Хан, како што јавува МИА од Брисел, повторил дека започнувањето преговори со Македонија, која не само што испорача реформи, туку е и единствената земја во регионот што нема ниту еден отворен спор со соседите, е прашање на кредибилитет за Европската Унија.

„Во мај ќе ги презентираме извештаите за напредокот за земјите и очекуваме дека врз основа на тоа што ќе го констатираме ќе дадеме препорака за Северна Македонија и Албанија, дека тие треба да влезат во подготвителната фаза на преговорите, посебно по позитивниот развој во Северна Македонија“, изјавил Хан пред пратениците.

Во обид да ги смири пратениците од скептичните и загрижените земји што се противат на брзо отворање на преговорите со Македонија, тој ги потсетил дека се работи за постепен процес.

„Сакаме да го започнеме овој иницијален процес кон пристапни преговори, сите стануваат нервозни кога се зборува за оваа идеја, но оваа клучна одлука само ќе значи дека можеме да започнеме со подготвителната работа за отворање на првото поглавје, и тука повторно треба да има едногласна одлука поддржана од сите земји членки за тоа кои ќе бидат одредници за отворање, односно критериумите за отворање на преговорите пред воопшто да започнат тие преговори, но ќе биде јасен сигнал до нашите партнери дека ако испорачале, тогаш и ние мораме да испорачаме, ова е прашање на доверба и на политичко влијание во регионот“, им порачал Хан.

Тој додал дека сака да биде кристално јасен дека она што се обидуваат да го постигнат е договор за да почнат да ги подготвуваат преговорите, дека е прашање на кредибилитет и одговорност на ЕУ, да се започне процесот, чиј следен чекор ќе биде отворање на следните поглавја.

Доколку во јуни земјите членки го стават проширувањето на дневен ред, како што се планира, Северна Македонија, ако се исполнети поставените услови, би требало да добие зелено светло за старт на преговорите со ЕУ. Во тој случај, земјите членки ѝ даваат мандат на Комисијата да изготви преговарачка рамка со Македонија, документ кој ги поставува темелите на преговорите. Македонија, исто така треба да подготви своја преговарачка рамка. Овој мандат потоа треба повторно да биде усвоен од земјите членки, кои имаат право и да поднесуваат измени на овој документ, по што може да се свика и првата меѓувладина конференција која официјално го означува стартот на преговорите.

По стартот на преговорите се одржува билатерален скрининг по поглавје, за разлика од досегашниот подготвителен скрининг. Македонија на овие состаноци ќе реферира пред европските партнери за својата подготвеност да го отвори даденото поглавје, по што формално се отвора поглавјето. За некои поглавја се поставуваат одредници за отворање и за затворање и тука земјите членки повторно имаат можност да блокираат доколку не се задоволни.

МИА

 

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе