По серијата билатералки, Пржино домаќин на нова лидерска средба со посредство на Хан

Од утрово резиденцијата на ЕУ во Пржино повторно е во фокусот на вниманието на јавноста. Одделни билатерални средби со Јоханес Хан веќе имаа лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а голем број новинари и сниматели се во очекување и на евентуална изјава од првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, кој е последниот од потписниците на договорот на 2 јуни/15 јули што седна да поразговара со еврокомесарот за проширување. По ова, лидерите на четирите најголеми партии повторно ќе седнат на заедничка маса, средба која може да трае и до доцните ноќни часови. 

По Заев, кој со својата изјава даде императив на прочистување на Избирачкиот список и важноста за реформите во медиумите, средба со Хан околу пладне одржа премиерот Никола Груевски.

Премиерот не даде детали за разговорот, туку рече „рано е за изјави од Пржино, сега одам да отворам нова фабрика“. Груевски дојде во резиденцијата на ЕУ во придружба на Ставревски, Тодоров, Попоски, Протуѓер и Димовски, а од неговата канцеларија најавија дека тој ќе присуствува на свеченото отворање на странската компанија „ИКС Трејд“ во бизнис центарот ОВС на градскиот плоштад.

Првиот човек на ДУИ, пак, по средбата со Хан кажа дека се уште немаат разговарано за деталите за името на техничкиот премиер, но е сигурен дека на ВМРО-ДПМНЕ им следува да кандидираат премиер кој ќе ги организира изборите. Истовремено, Али Ахмети смета дека сите треба да го изнесат мислењето за тоа дали има услови за избори и прочистување на Избирачкиот список.

„Сметам дека сите институции треба да се изјаснат за оваа одлука и да дадат проценки и мислења до каде се стигнати подготовките за организирање избори“, рече Ахмети.

Додека трае средбата Хан - Тачи, веќе се шпекулира и тајмингот за почеток на новата лидерска средба. Најавен е заеднички  ручек од 15:30, а најверојатно лидерската би започнала потоа од 16 или 17 часот, каде би присуствувале и евроамбасадорот Аиво Орав и американскиот амбасадор Џес Бејли. 

Познато е дека на заедничка маса ќе се настојува да се постигне договор околу отворените прашања за методологијата и прочистување на Избирачкиот список и медиумите, а истовремено да се дефинира и да се расчисти облакот од дилеми околу датумот за одржување на предвремените избори: дали тие ќе се реализираат на веќе договорениот датум на 24 април, или, пак, ќе превладеат неформалните прогнози за нивно одложување до јуни или септември.

Додека се чека исходот и можните решенија и спогодби од средбата, а со цел излез од политичката криза, повеќе медиуми ја повторуваат утринската изјава на Хан: „Се надевам ќе имаме успешен ден“. 

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе