Нова рунда преговори

По подолга пауза работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе разговараат за Законот за обвинителство

Откако еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји минатата недела во Скопје изјави дека измените во Законот за јавно обвинителство се битни за земјата и нејзините европски аспирации, се размрдаа партиските тимови во однос на можното усогласување на ставовите меѓу власта и опозицијата. По неколкумесечна пауза за денеска се најавува можна средба на работните тимови на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за ова прашање.

Министерката за правда, Рената Дескоска веќе испрати предлог-закон до опозицијата.  

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев рече дека ако треба ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но откако би дошло до усогласување на ставовите на работните групи. На истиот став е и Мицкоски, кој кажа дека доколку нема доближување на ставовите, нема ниту потреба од лидерска средба.

Законот за јавно обвинителство освен заокружување на правосудните реформи, ќе значи и решавање на проблемот кој го имаат вработените во Специјалното јавно обвинителство, кои откако останаа без официјален потписник во институцијата, се соочуваат со низа проблеми.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој е дел од работната група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека за нив е неприфатлив делот каде обвинителите кои беа во СЈО треба да преминат во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но сепак не даде целосен одговор дали ќе го прифатат предлог-законот.

Од владејачката СДСМ пак, велат дека ова е добро законско решение, а опозицијата не сака да го гласа бидејќи за нив е побитно да се заштити криминалот, отколку да се донесе овој Закон.

Владата бара одговорност и соработка на политичките субјекти за Законот за јавно обвинителство. Премиерот во техничката Влада Оливер Спасовски ги повика партиите да бидат на висина на задачата бидејќи се работи за прашање од висок државен интерес.

Заев е оптимист и вели дека Собранието до 12 следниот месец ќе ги донесе сите неопходни законски решенија, меѓу кои и измените во Законот за јавното обвинителство за кој е неопходно двотретинско мнозинство.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека ова што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што после 12 април ќе заминат во опозиција. „Така што ако треба да се одржи средба само ради реда, немам намера да го губам времето. Тука се работните групи, во неделата што следи претпоставувам дека ќе имаат состанок и доколку ги приближат ставовите тогаш можеме да зборуваме за одржување лидерска средба“, изјави Мицкоски.

 

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе