Нова неизвесност за масакрот кај Смилковци

По пет и пол години во притвор, обвинетите во „Монструм“ излегуваат на слобода?

Врховниот суд ги укина шесте доживотни затворски казни и го врати предметот за петкратното убиство кај Смилковските езера на почеток. Ова значи можност за обвинетите, кои се пет и пол години во притвор да излезат на слобода. Одлуката највисокиот суд денес попладне во една реченица ја објави на својата официјална веб-страница. 

„Врховен суд на РМ- Врховниот суд на Република Македонија донесе пресуда по предметот Вкж2 бр.3/2016, познат во јавноста како „Монструм“, со која жалбите на одбраната се уважени, а првостепената и второстепената пресуда се укинати и предметот е вратен на првостепениот суд на повторно одлучување.“

И првостепената одлука за случајот „Монструм“ со која беа изречени доживотните казни, и она на Апелацискиот суд Скопје со која беа потврдени казни, се укинуваат. На потег сега е Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 кој по службена должност од понеделник ќе треба да одлучи дали и пoнатаму постојат законски основи по кои обвинетите треба да останат во притвор, или сите рокови се истечени и тие ќе излезат на слобода.

Адвокатот Насер Рауфи во телефонски разговор за МКД.мк вели дека се задоволни од одлуката и дека од понеделник очекуваат нивните клиенти да излезат на слобода.

„Пресудата е укината од страна на Врховниот суд. Задоволни сме од одлуката и сега нашите очекувања се дека Кривичниот совет ќе им ја укине мерката притвор. Според нас, како адвокати сите рокови за траење на мерката притвор по правосилност на обвинението за кривичното дело за кое тие се обвинуваат, се истечени и тие треба да се бранат од слобода“, вели адвокатот Рауфи.

Одлуката на Врховен суд е правосилна. Од неа се задоволни роднините на обвинетите кои постојано бараа да се праиспита целиот случај и тврдеа дека нивните обвинети роднини не се сторителите на петкратното убиство. Поддршка и дадоа и на обвинителката Лилјана Спасовска чие барање од Врховниот суд да се преиспита одлуката го дочекаа со аплауз во судница.

Од друга страна пак, роднините на убиените момчиња и рибарот бараат од премиерот Зоран Заев да ги објави разговорите за кои, тој, во времето кога СДСМ беше во опозиција, тврдеше дека во „бомбите“ кои ги објавуваа постојат и разговори кои ќе го расветлат овој случај.

Од собраниска говорница денеска и премиерот Заев најави дека и случајот „Монструм“ ќе биде расветлен со меѓународната заедница за да се гарантира вистината на пресудите.

За петкратното убиство кое веќе неколку години ја бранува јавноста, секоја страна има свое барање и тврдење. Прашањата за мотивите и извршителите во случајот „Монструм“ и по половина деценија остануваат отворени. Сега повторно од институциите зависи дали ќе се отворат „бомбите„, дали ќе се понудат цврсти докази за да се открие вистината и јавноста да верува во тежината на следната одлука која судот ќе ја донесе за овој случај.

Единствено утврден е начинот на кој било извршено свирепото убиство, а кој до детали е заведен во обдукциските наоди подготвени од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје. Одговорите на прашањата околу доказите, вината кај обвинетите, како и тоа дали им се суди на вистинските сторители, останаа различни.

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута се обвинети за петкратното убиство кое на на 12 април 2012 година, Велики четврток, се случи кај Смилковското Езеро. Полицијата ја спроведе акцијата под кодното име „Монструм“ во мај, 2012. Седуммината обвинети се товарат за тероризам. Според обвинителството,  мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Со првостепената одлука која денес Врховниот суд ја укина, шестмина добија доживотен затвор, а Сејди Рами беше ослободен од обвинение.

 По обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осомничени дека се сторители на делото, полицијата распиша потерница. Тие на Косово беа осудени за нелегална трговија со оружје и откако ја одлежаа казната, излегоа на слобода.

Но во Македонија никогаш не беа екстрадирани и сè уште се водат како недостапни на органите на прогонот. Нивните имиња пет години се наоѓаат на листата на потраги на официјалната веб-страница на МВР.

Неколку дена по апсењето на четворицата осомничени, во притвор заврши и Хаки Азири, кој првично требало да биде заштитен сведок, но потоа стана осомничен.

К.Додевска

 

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

повеќе

Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. 

повеќе

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 се носи во екс-пост заробена држава каде тензиите помеѓу администрацијата, економските агенти, клиентите и општеството се големи.

повеќе