Според партискиот статут

По оставката на Заев, СДСМ треба да распише вонредни партиски избори во рок од 15 дена

Само седум месеци откако по вторпат беше избран за претседател на СДСМ, Зоран Заев поднесе оставка на лидерската функција во партијата и според Статутот на СДСМ, вонредни внатрепартиски избори треба да се распишат во рок од 15 дена од престанокот на функцијата.

Одлуката за распишување предвремени партиски избори ја носи Извршниот одбор на СДСМ, а со носењето на таа одлука се одредува и датумот за нивно одржување.

„Вонредните избори се спроведуваат на начин и процедура како редовните избори, а се распишуваат во случај на поднесување оставка на претседателот на СДСМ, со изгласување недоверба или со престанок на функцијата по кој било друг основ.

Одлука за распишување на предвремени избори донесува Извршниот одбор на СДСМ, најдоцна во рок од 15 дена од денот на престанок на функцијата.

Мандатот на претседателот избран на предвремени избори, во склад со одредбите на овој член трае до истекот на мандатниот период во кој е избран“, пишува во партискиот статут.

Изборот на претседател се спроведува во еден или во два круга гласање, во зависност од тоа колку кандидати има за функцијата. За избран се смета кандидатот кој ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број членови што гласале.

Заев беше реизбран за претседател на СДСМ во март годинава, за прв пат на непосредни внатрепартиски избори и тогаш за него гласаа 59.240 членови на партијата, а 865 беа против.

Според новиот статут на партијата, претседател на СДСМ се бира на директни избори со учество на сите регистрирани членови кои се впишани во партискиот избирачки список преку процесот на активна регистрација, а има можност за одржување вонредни избори во случај на оставка на партискиот претседател. Новиот статут овозможува лидерот на СДСМ да биде единствениот партиски функционер кој се избира на непосредни избори, додека заменик-претседателот, Централниот и Надзорниот одбор се избираат на конгрес. Другите функции, како Извршниот одбор, секретарите и потпретседателите на партијата, се врзани со мандатот на лидерот.

На последниот конгрес на СДСМ што се одржа во мај годинава, за заменик-претседателка беше избрана Сања Лукаревска, откако по два мандати Радмила Шекеринска се повлече од таа функција. На конгресот беа избрани и Централен и Надзорен одбор, а потоа и нов Извршен одбор, потпретседатели и секретари на партијата.

 

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе