Правни лавиринти

По одлуката на Уставниот суд, можно ли е сите обвинети во случаите на СЈО да бидат ослободени?

Уставниот суд во средата одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 11-а од Законот за помилување од 2016 година. Овој член од Законот предвидува претседателот на Републиката да го поништи помилувањето. Ако овој член се поништи, дали тоа ќе значи дека аболицијата од поранешниот претседател Ѓорге Иванов на 12 април 2016 за 56 лица е важечка?

Лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување. Претседателот на Републиката е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето да ја поништи донесената одлука.

Судот смета дека со Законот за дополнување на Законот за помилување се утврдува законска основа по која даденото помилување може да се поништи, меѓутоа ваквото законско уредување излегува од дадените надлежности на претседателот во членот 84 од Уставот и тоа основано може да се доведе под сомневање по однос на членот 8, став 1, алинеја 3 од Уставот, бидејќи се повредува принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните.

„Ваквото дополнување на Законот за помилување со кое се дава можност претседателот да го поништи веќе даденото помилување доведува до нееднаков третман кон субјектите. Имено, и претседателот согласно со Уставот има право само да дава помилување, но не и да поништува, што значи дека Уставот не предвидува можност за повлекување на претходно даденото помилување“, велат од Уставниот суд.

Оттаму посочуваат дека во повеќе држави-членки на Европската Унија од кои било побарано мислење од добиениот материјал е констатирано дека во нивните законодавства не постои можност за повлекување на даденото помилување.

„Одлуката за помилување што ја донесува претседателот e sui generis акт, кој ниту е административен акт што би се оспорувал пред управните судови, ниту пак нормативен акт што би можел да се оспорува пред Уставниот суд“, посочуваат од Судот.

Оттука, имајќи ја предвид направената анализа, како и меѓународната практика, Судот смета дека со воведувањето на можноста за поништување на даденото помилување во оспорениот Закон основано со тоа се доведува во прашање неговата согласност со принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Северна Македонија предвиден од член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот.

Уставниот суд реши да ја оценува уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година, кој предвидува претседателот на државата да го поништи претходно даденото помилување, со образложение дека не постои уставна можност претседателот да го повлече еднаш дадено помилување.

Оваа одлука на Уставниот суд го отвори прашањето дали сè уште важи аболицијата на 56-те лица, кои беа опфатени со предметите на Специјалното јавно обвинителство што ја даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов на 12 април 2016 година. Два месеци потоа, по уфрлањето на член 11-а во Законот за помилување, Иванов под притисок на јавноста и меѓународната заедница ја повлече одлуката за аболицијата.

Ова значи дека наскоро решението за аболиција потпишано од тогашниот претседател на државата можеби ќе важи, ќе биде во сила. Тоа пак ќе повлече прекинување на многубројните судски процеси на СЈО во кои се обвинети Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, Тони Јакимовски, Едмонд Темелко, Тони Трајковски, Владимир Талевски, Бедредин Ибраими, Мендух Тачи, Светлана Костова, Љупчо Димовски…

Според практиката на Европскиот суд за човекови права, дадено помилување не може да се повлече. Ова значи дека за секој од помилуваните, во некоја наредна ситуација откако ќе биде осуден, таа пресуда ќе може лесно да биде оспорена во судот во Стразбур.

Според Законот за помилување, кој е донесен во 1993 година, помилувањето, односно ослободувањето од постапката за кривично гонење може да се врши во Министерството за правда по барање на осуденото лице или по службена должност, а членот 11 предвидува претседателот по исклучок да помилува без спроведување постапка кога е тоа од интерес за државата или во посебни околности, на што досега се повикаа и експретседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски кога ги помилуваа Доста Димоска и Зоран Заев.

Во 2009 година беа донесени законски измени со кои беше избришан членот 11, а беа додадени и 4 кривични дела за кои не може да се даде помилување, но по поднесена иницијатива во 2016 година Уставниот суд ги укина сите измени и дополнувања од 2009 година.

Важноста на аболицијата на поранешниот претседател ја потврди и Врховниот суд на Грција, кој лани во мај не дозволи екстрадиција на сега осудените за масовното прислушување Горан Грујевски и Никола Бошкоски, со образложение дека „одлуката на претседателот со донесениот важечки акт од 12 април 2016 година за ослободување од гонење е еднаква на целосно прекинување на кривичното гонење, затоа што за време на нејзиното носење не постои законска можност за нејзино повлекување или поништување. Грчките судии сметаа дека според македонскиот Устав, законите и другите прописи не може да имаат ретроактивно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните“.

На последната седница на Уставниот суд пет уставни судии беа за прифаќање на иницијативата за преиспитување на членот 11-а од Законот за помилување, а четворица беа против.

А.Д.

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе