Димитров и Коѕијас пред нов предизвик или...

По Њујорк, преговорите во Брисел ќе почнат од скалило подолу, кој ќе биде првата жртва?

Неприфаќањето на пакетот „Република Илинденска Македонија“ предложен од македонската страна во преговорите со Грција за ново име, ги врати преговорите за проблемот што нашиот јужен сосед го има со името Република Македонија на едно пониско ниво. Најавена е нова средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција во Брисел, но не се знае кога. Очигледно е дека Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе чекаат некој нов пакет за да отворат некоја нова врата.

Засега „вратата“ што Македонија ја отвори со предлогот Илинденска Македонија не остана отворена ни 24 часа. Грција најпрвин го прифати, па веднаш потоа го одби тој предлог, но не и целиот пакет, и сега во преговорите стартува од позицијата дека македонската страна во секоја варијанта веќе го прифатила и условот ерга омнес.

До бриселската средба следуваат изјавите „постигнавме голем прогрес, но имаме потешкотии“.

Грчките медиуми јавуваат дека на маса останале старите предлози за одредницата пред името Македонија - горна, северна и нова. Според македонските преговарачи, отворено е и прашањето за опсегот (ново име за меѓународна или и за меѓународна и за внатрешна употреба) и уставните измени. Но Грција вели дека тоа е решено, дека „Скопје прифати ерга омнес, промени во Уставот, сега се чека на согласност за името“.

Никола Димитров според грчките медиуми е тврдиот играч во овие преговори. Па од грчка страна позитивните очекувања за решение во наредниве дваесетина дена се насочени кон третата можна средба меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, некаде во Преспа.

Грчките новинари не ја забораваат изјавата на Димитров за оставка ако не успее пакетот наречен „Илинденска Македонија“.

„Тешко е да си за Македонија, а да не си за Илинденска Македонија. Веднаш ќе потпишам оставка ако мислам дека тоа ќе ѝ помогне на Македонија и дали ќе биде подобра без мене, дали процесот ќе биде подобар без мене. Прашањето на мојата лична одговорност е имаше ли нешто што можеше да го направам, а не го направив, и направив ли нешто што не помогна. И без одговорност, ако има ефект од тоа мојата оставка да помогне, апсолутно сум спремен во кое било време да ја поднесам, тоа е поголемо од мене“, рече Димитров.

Неуспехот на преговорите во Њујорк ги врати преговорите чекор-два наназад. Самитот на ЕУ е во јуни, а во почетокот на јули е и Самитот на НАТО. Условот за датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ и за членството во НАТО е компромис за името.

Премиерот Заев и неговиот тим во целиот овој период фокусот го ставија на надворешната политика и на неповторливата шанса да се најде решение за името. „Сега или никогаш“, велеа членови на кабинетот на премиерот Заев инволвирани во тимот одговорен за преговорите за името. Но прифаќањето, па одбивањето на предлогот Илинденска Македонија од страна на грчкиот премиер Ципрас само ја покажува грчката препреденост, тврдоглавост и итрина во одбраната на своите позиции и бавно, но сигурно освојување на просторот во преговорите.

Евентуалниот неуспех многу посериозно ќе го почувствува Заев отколку неговиот грчки колега. Не случајни се сѐ почестите препораки до него да почне многу повеќе да работи на домашен терен, на реформите, на демократското уредување на македонското општество без досегашните услови име, ЕУ, НАТО...

А првата „жртва“ на крахот на таа политика веќе се наѕира - Никола Димитров.

А.Д.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе