Во соопштението од Министерството за одбрана се вели дека главни теми за дискусија биле руската инвазија на Украина и нејзиното влијание врз европската безбедносна инфраструктура, како и зајакнувањето на одвраќањето и одбраната на НАТО членките.
Во рамките на првата работна сесија, која се одржала заедно со Украина, Грузија, Финска, Шведска и Европската Унија, министрите за одбрана на НАТО ја потврдиле „силната осуда за непровоцираниот и неоправданиот вооружен напад на Русија врз Украина и врз меѓународниот поредок“.
На состанокот била изразена силна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина како и барањето за повлекување на сите вооружени формации на Русија и воспоставување на мирот. НАТО членките и партнерите, како што било нагласено, продолжуваат да обезбедуваат поддршка за Украина и да ги прифаќаат бегалците.
Во соопштението се додава дека на втората работна сесија на состанокот, недвосмислено била потврдена посветеноста на Алијансата како одбранбен сојуз на клучниот принцип, а тоа е одвраќање и одбрана на сите земјите членки.
„Сите мерки и активности што се преземаат, претставуваат дел од одвраќањето и одбраната на Алијансата и во овој контекст беше и потврдена согласноста за зајакнато присуство на силите на НАТО во источниот дел на Алијансата“, се вели во соопштението.