Поранешниот претседател на парламентот предупредува

Петковски: Џафери не е надлежен да цени уставност

Претседателот на парламентот Талат Џафери не е надлежен да цени уставност и законитост, тоа е во рацете на Уставниот суд, вели за МКД.мк поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски во врска со одлуката на Џафери да ја отфрли иницијативата на одржување на референдум, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во разговор за МКД.мк Петковски вели дека одлуката по прашањето за референдумската иницијатива треба да биде на Собранието, а не на неговиот претседател.

„Претседателот на Собранието е само прв меѓу еднаквите пратеници и тој ги потпишува актите во името на Собранието. Не само од правен и деловнички аспект, туку и од демократски аспект е добро одлучувањето да се постави на седница на Собранието, секако, откако собраниските комисии ќе предложат став за кој потоа на пленарна седница ќе се носи одлука. Многу е битно од демократски аспект пратениците да одлучуваат бидејќи Собранието е местото каде се носат најкрупните одлуки врз основа на политичка дебата. Не треба никој да се става над Собранието, во случајот претседателот. Од формално правен аспект нема пречка барањето да се стави пред Собранието и тоа да се произнесе", вели Петковски.

На прашањето што значи можноста претседателот на Собранието од формален аспект да може да се изјасни за иницијативата, Петковски вели дека тој можел подносителите на иницијативата да ги корегира во однос на „непознатата адреса" со која беше поднесена иницијативата.

„Како што видовме од документот, од поднесената иницијатива, таму адресата гласи 'Претседател на Собрание', која можел Џафери да ја протолкува како непозната бидејќи целата адреса гласи 'Претседател на Собрание на Република Северна Македонија'. Џафери можел да ја врати иницијативата и да укаже да биде корегирана адресата. Но во никој случај не може тој да го цени Уставот", нагласува Петковски

Дали сепак иницијативата, како што пишува во Деловникот, треба да оди пред комисиите, Петковски вели дека Џафери се произнесол дека иницијативата е отфрлена, па сега, како што оценува, останува можноста да се оспори неговата одлука пред Уставниот суд.

„Во секој случај, одлуките на Собранието ги потпишува претседателот, тој може да толкува одредби од Деловникот и во тој контекст да укажува, но не може да каже дали е согласно Уставот или не", вели Петковски.

Во однос на самата иницијатива, дали е добро срочено референдумското прашање од страна на ВМРО-ДПМНЕ и како тоа евентуално би можело да се постави пред граѓаните, Петковски вели:

„Сега ми поставивте политичко прашање. Лично мислам дека ваков референдум за Македонија не е потребен, туку е и штетен, зашто би закочил процеси и обврски на земјава кон ЕУ, а не кон Бугарија. Добивме условен почеток на преговори со ЕУ и рамка за преговори, а со Бугарија имаме само договор. Ако требаше нешто побрзо да се реагира тогаш можеше да се постави прашање во стилот - дали францускиот предлог е прифатлив за граѓаните. Во тој предлог се наброени сите услови. А, поништување на договорот со Бугарија би можело да ѝ штети на земјава во насока на меѓународни односи и околу стабилноста на договорите и спогодби на земјата на меѓународно ниво, бидејќи е битно доследно нивно почитување", вели Петковски.

Тој илустрира: „Како што укажувавме дека Бугарија не смееше преку бугарскиот парламент да го поништи законот потпишан од некогашниот бугарски претседател Ѓорги Димитров со кој на Македонија ѝ беа испорачани моштите на Гоце Делчев. А заради што, меѓу другото, Димитров беше прогласен за предавник на Бугарија".

На крајот Петковски нагласува дека е сега суштествено да се види дали на седница на Собранието на Македонија ќе се дозволи да се смени Уставот заради ЕУ.

„Мислам дека иницијативата беше во функција на ВМРО-ДПМНЕ и барањето за предвремени парламентарни, сега и со барање за претседателски избори на ист датум. Не ја имаше суштината“, вели поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски.

П. Џамбазоски

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе