За бугарското вето, влијанието на Германија, распоредот на силите во Светот, вакцините...

Петковски: Берлин ѝ даде сила на Софија

Загрижувачка атмосфера владее во Европската Унија во поглед на европската интеграција на Македонија и може да се заклучи дека нашата држава е во многу тешка ситуација. Бугарија не би можела да биде така силна кон Македонија, да стави вето, да инсистира на прашања од историјата и да навлегува во идентитетските работи, доколку зад неа не стои една Германија која го засилува своето влијание на Балканот, но и во Европа, вели Тито Петковски, долгогодишен политичар, лидер на НСДП. На глобално ниво се случуваат големи промени, тоа стана појасно за време на пандемијата, нагласува Петковски.

Одговорот што премиерот на Хрватска Андреја Пленковиќ му го даде на пратеникот во Саборот Бојан Главашевиќ на неговото прашање што ќе стори хрватската влада за да ѝ помогне на Македонија, а во кој е наведено дека Хрватска „се залага за решавање на јазичното прашање" и дека стапила во контакт со бугарски официјални лица, е само уште еден аргумент плус кој го потврдува мојот став како оправдан дека зад таа политика кон Македонија во рамки на ЕУ Софија не е сама, вели во разговор за МКД.мк Тито Петковски.

„Германија всушност не ја поддржа Македонија и таа практично застана зад Бугарија во спорот. Кога бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева вели дека Бугарија не е осамена во причините за спорот со Македонија, и дека зад неа стојат и други држави од ЕУ, таа всушност пред сѐ мисли на Германија. И кога Захариева говори за прашањата за историјата па и за јазикот, кои ѝ го наметнува на Македонија како услов за отворање на преговори, и тука ја наоѓаме врската со Германија. За среќа, се спротивставија Чешка и Словачка со многу јасни ставови дека овие прашања - историјата и јазикот не може да бидат услови за сопирање на европската интеграција и дека тоа е спротивно на Копенхашките принципи. Впрочем, со поставувањето на такви прашања се навлезе директно и во интересите на Прага и Братислава, бидејќи се повеќе од длабоки и нивните врски со Кирил и Методиј и просветителите се внесени и во нивните државни акти", вели Петковски.

Навраќајќи се на улогата на Германија во истиот контекст, а што особено иритира, е дека станува збор за обид на Бугарија да ѝ се компензира „загубата" од Втората светска војна, односно загубата на Македонија, имајќи предвид дека со победата против фашистичката оска, Македонија која беше на вистинската страна, како држава и народ, ја зацврсти својата позиција во секој поглед, а Бугарија го загуби влијанието, анализира Петковски. Се чини, вели, како европската приказна за Македонија да се затвори во 1913 година, подоцна историска шанса се отвори во 1944 година по победата над фашизмот, но сега, многу години потоа, се надвиснаа темни облаци.

„Треба да се погледне наназад во годините, па така доаѓаме до зачленувањето на Бугарија во Европската Унија и НАТО, иако таа како земја тогаш немаше исполнето никакви критериуми за членство. Повторно тука е главна улогата на Германија, во Бугарија доаѓа Саксобурготски, син на цар Борис и иако тој имаше краток мандат како премиер, тоа беше една од алките работата за влез на земјата во НАТО, подоцна и во ЕУ, да се оствари. Сега, со допуштањето Бугарија да ја блокира Македонија наметнувајќи ја историјата како спорна, практично Германија станува согласна вратата на ЕУ да остане затворена за Македонија. Но, ако ние се обидеме да ја отвориме таа врата правејќи отстапки во нашата историја, тогаш ќе нема ниту Македонија. Тоа се многу опасни тенденции на европската политичка сцена", нагласува Петковски.

Според него, треба да се има предвид дека Бугарија, како економски и политички послаба членка на ЕУ, не би можела да манифестира толкава сила кон Македонија доколку ја нема таа поддршка и согласност од Германија.

„Јас уште пред 16 години во колумна за Утрински весник напишав дека ако Бугарија стане члена на ЕУ, дека може лошо да ѝ се пишува на Македонија. За жал имав право и за жал повторно слушам тези дека македонското прашање не е решено. И повторно сме сведоци дека Бугарија не признава посебност на македонскиот народ и јазик, а внатре во државата не признава македонско малцинство и ѝ се дозволува да остане глува на бројните пресуди на меѓуародни инстаци и осуди од меѓународна прогресивна јавност и понатаму да не дозволува регистрација на македонски друштва, организации... Ѝ се дозволува да ги погазува основните принципи врз кои е и основана ЕУ, а земји членки од тој сојуз на демократија и човекови права, како да не можат да преземат ништо", вели Петковски.

Според него, попусто е да се чека што ќе донесат парламентарните избори и кој ќе ја води Бугарија во наредните години, зашто по прашањето на Македонија таму нема некои битни разлики и оттаму би можело и со децении да чекаме за одоброволување на Софија за наш пристап кон семејството народи на Унијата.

„И пак ќе се навратам на почетното прашање од каде сега кај Хрватска забележуваме такви недоискажани ставови во однос на Македонија, кои отвораат многу недоумици, иако е тоа држава со која делиме и заедничко минато како некогашни републики од иста земја? Повторно може да заклучиме дека Германија го шири своето влијание, а Хрватска, мора да признаеме, со години наназад гради посебен однос кон Берлин и влијанијата се повеќеслојни", вели Петковски повторно споменувајќи го неразбирливиот одговор што хрватскиот пратеник Главашевиќ го доби од Пленковиќ, па сега тој очекува и конкретно појаснување од министерот за надворешни работи и европски прашања Гордан Грлиќ Радман.

Но, Петковски посочува да се погледне и пошироко, вели, Франција пред две години го сопре отворањето на преговорите на Македонија со ЕУ, а сега оттаму се пласираат и информации од типот дека над 50 проценти од Французите се против проширувањето на Унијата и се против влезот на земји од Западен Балкан во европското семејство.

„На што и врз кого можеме да се потпреме за да ги оствариме тие наши стратегиски цели е навистина отворено, важно прашање. Секако, мора да продолжиме со конструктивна и паметна политика, но и да продолжиме со поинтензивна соработка со државите кои нѐ поддржуваат", вели Петковски.

Своите политички анализи ги насочува и кон случувањата со вакцините против ковид-19. А тоа, на глобално ниво покажува дека не може секогаш да очекуваме солидарност, рамноправност, хуманост и дека требаше самите на време да се потрудиме со свои сили да набавиме вакцини.

„Клубот на богатите и силните направи сѐ да се затворат поради пандемијата, но потоа овие земји направија и сѐ да се обезбедат прво самите со вакцини, оставајќи ги сиромашните на цедило. Приказната за човековите права и еднаквост тука завршува, иако сега тие влади се обидуваат да направат нешто и за посиромашните. На дело ја видовме поделбата во светот, себичноста на сцена, но тоа бездруго претставува и една поука дека треба да се подобрува соработката и со други земји, не само во тој круг кон кој долги години се стремиме. На глобално ниво се случуваат големи промени, а тоа се гледа и преку тоа кои се тоа светски сили кои ги произведоа вакцините и имаат моќ да нудат огромни, милионски дози. Тоа е само добар пример дека светот се движи, се случуваат промени на економски и политички план, затоа е потреба стратегија и добра дипломатија од наша страна", смета Тито Петковски.

П.Џамбазоски

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе