Почесна конзулка на Канада во Македонија

Пешева: Многу придобивки ако Македонија гласа за Канада за непостојан член на Советот за безбедност на ООН

Македонија дефинитивно ќе има корист од правилниот избор доколку ја поддржи Канада на претстојните избори за Советот за безбедност на ООН овој месец. Таа одлука гарантирано ќе ја засили соработката меѓу двете земји и ќе донесе многу придобивки во иднина. Се надевам дека нашата земја ќе ги препознае силните заложби на Канада за интернационализам и агендата за зајакнување на меѓународната соработка во 21 век и дека ќе ја поддржи на овие избори, вели во интервју за „360 степени“ почесната конзулка на Канада во С. Македонија, Анета Пешева.

Канада смета дека глобалниот одговор на пандемијата е најефикасната одржлива долгорочна стратегија, и затоа оваа земја реши да издвои значителни средства во борбата против пандемијата низ хуманитарна помош наменета за најранливите земји, вели Пешева.

Каква е позицијата на Канада во глобалната економија, демократијата и дипломатијата во моментов?

- Канада е голема и важна држава. Таа има територија која е втора по големина во светот, територија на која борбата за заштита на природата се води секојдневно. Дом е на преку 200 етнички групи кои говорат повеќе од 200 јазици, земја во која 1 од 5 нејзини граѓани е роден во некоја друга држава во светот. Зошто го потенцирам ова. Затоа што Канада е колепка на мултикултурализмот и инклузијата, половата и родовата еднаквост и е насочена кон промоција на демократските вредности како важни елементи за зајакнување на правдата и еднаквоста за сите луѓе.

Канада е силна економија која се наоѓа во редот на десетината најсилни економии во светот, членка е на Г-7, Г-20, NAFTA, земја која својата економска моќ не се двоуми да ја сподели со остатокот на светот.

Канада е осмиот најголем контрибутор на програмите и агенциите на ОН, деветти најголем контрибутор кон буџетот на операциите на ООН за мир, шести најголем донатор на Фондот за мир на ООН.

Со своите 2,65 милијарди долари поддршка на земјите во борбата против климатските промени, Канада е една од земјите лидери во светот.

Со сегашните 310.000 имигранти во земјата, со тенденција таа бројка да стане 350.000 до 2021 година, што е 1% од нејзината популација, Канада е лидер во хуманиот однос кон луѓето во неволја. Ова особено се потврди со тоа што во 2018 година Канада вдоми повеќе бегалци од различни краеви на светот од која било друга држава. Денес е дом на повеќе од 60.000 бегалци од Сирија.

Повеќе од 4.000 припадници на нејзините полициски и безбедносни сили учествуваа во повеќе од 66 мировни операции од почетокот на 1989 година.

Какви се залагањата на Канада за справување со кризата предизвикана од пандемијата и како е насочена помошта од Канада кон регионов и земјава?

- Искуството со ковид-19 уште еднаш ни докажа на сите дека на светот му треба силен систем од глобални институции за да нè заштити од глобални предизвици. Канада се обидува да ја поврзе работата на Советот за безбедност на ООН со целите за одржлив развој, како и да се фокусира на спречување конфликти и градење на мирот. Овој пристап ќе придонесе за подобрување на јавно здравје, стабилноста, безбедноста и просперитетот глобално.

Што се однесува до она што се случува денес, Канада верува дека глобалниот одговор на пандемијата е најефикасната одржлива долгорочна стратегија и во склад со тоа одлучи да издвои значителни средства во борбата против пандемијата низ хуманитарна помош на најранливите земји, преку финансирање на меѓународните организации кои помагаат во управувањето со кризата во текот на пандемијата, како и низ издвојување на средства за истражувања и развој во напорите да се пронајде ефикасна вакцина.

Во кој правец се движат стратегиските позиции на Канада и Обединетите нации?

- Овој месец Канада ќе биде меѓу неколкуте земји кои се во избор за непостојан член на Советот за безбедност на ООН. Се надевам дека овие силни заложби на Канада за интернационализам и агендата за зајакнување на меѓународната соработка во 21 век нашата земја ќе ги препознае и ќе ја поддржи Канада на овие избори.

Канада направи огромни напори за да придонесе за благосостојбата на глобално ниво. Повеќе од 125.000 Канаѓани служеле во мировните мисии на ООН. Ова ниво на активизам и посветеност е потребно во Советот за безбедност на ООН.

Би сакала да потсетам на некои од директните активности на Канада во овој правец.

Во 2016 година Канада беше домаќин на Петтата конференција во Монтреал на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, каде што канадското раководство обезбеди над 12 милијарди американски долари од донатори ширум светот за да ја продолжи борбата против овие епидемии. Овој вкупен износ вклучува сопствен залог на Канада од 804 милиони американски долари.

Во 2017 година Канада беше домаќин на собирот на министерствата за одбрана и мир, при што делегатите од повеќе од 80 земји и меѓународни организации дадоа предлози и се обврзаа на поинтензивен дијалог како и директен ангажман во процесот на подобрување на мировните операции на ООН.

Во јуни 2019 година Канада, како една од земјите лидери во процесот на изградба на свет во кој родовите ќе бидат навистина рамноправни, беше домаќин на конференцијата „Women Deliver“ во Ванкувер, најголемата светска конференција за родова еднаквост и здравјето, правата и благосостојбата на девојчињата и жените, на која учествуваа над 9.000 учесници од 165 држави.

Ова е само дел од глобалните иницијативи кои Канада ги води и во кои навистина верува, па оттука ценам дека сите ние, а и земјите од светот ќе ја препознаат оваа заложба и ќе ја поддржат Канада како земја членка на ООН во нејзините залагања да стане дел од Советот за безбедност.

Во која насока ги развивате билатералните односи на С. Македонија и Канада?

- Во моментов има низа проекти преку кои двете земји градат стабилни и одржливи билатерални односи. Она што е деновиве актуелно е дека Канада, препознавајќи ја потребата за помош во борбата против пандемијата на ковид-19, ќе ѝ донира на Македонија 250.000 канадски долари како директна помош во борбата против пандемијата.

Многу малку е познато во јавноста, но сметам дека е интересно да се сподели следново: Во младоста, 14. по ред премиер во Канада, Лестер Пирсон, служел речиси две години како медицински член на македонскиот фронт за време на Првата светска војна. Подоцна во животот ќе му биде доделена Нобелова награда за мир за 1957 година за неговите придонеси во воспоставувањето мировни мисии на ООН. Дипломатските достигнувања на Лестер Пирсон се еден пример за долг список на канадски придонеси во системот на ООН и за градење побезбеден, подемократски и поправеден свет.

С. Македонија има свои придобивки кога имаме глобален систем кој работи во корист на сите земји, големи и мали. Канада се залага за дијалог и за градење мостови. Со своите ресурси, искуство и визија, Канада може да направи придонес во Советот за безбедност на Обединетите нации.

Македонија дефинитивно ќе има корист од правилниот избор доколку ја поддржи Канада на претстојните избори за Советот за безбедност на ООН овој месец. Таа одлука гарантирано ќе ја засили соработката меѓу двете земји и ќе донесе многу придобивки во иднина.

 

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе