Дополнителни реформи не се споменуваат

Пендаровски по средбата со Макрон: Гаранции за датумот од Париз сѐ уште нема, се бара време за реформа на ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски, по средбата со неговиот домаќин, францускиот претседател Емануел Макрон, порачал дека имале „отворен и динамичен“ разговор, но гаранции за датумот од Париз сѐ уште нема. Макрон барал време за внатрешната реформа на ЕУ.

Пендаровски, како што јавува МИА од Париз, ги изложил своите аргументи пред Макрон, и ги слушнал неговите. Според Пендаровски, Франција веќе поднела неформален предлог (нон-пејпер) до земјите членки на ЕУ за реформата на методологијата на пристапните преговори за членство, реформа која Макрон ја бара пред да даде зелено светло за Македонија и Албанија.

„Претседателот Макрон веќе почнал со расчистување на новата методологија. Тие имаат предложено ‘нон-пејпер‘ до земјите членки пред една недела, и очекуваат во наредните месец-два, сѐ да заврши со коментари од другите земји членки, евентуално амандмани. Начелно тој мисли дека методологијата треба да биде усвоена најдоцна до март“, изјавил Пендаровски по средбата.

Тој додава дека Макрон му рекол дека би можело да се очекува конечно одлука за отворање преговори во мај на Самитот во Загреб, но не му дал гаранции дека таа одлука ќе биде позитивна.

„Сите опции се отворени со тоа што Макрон на средбата децидно кажа дека одлагањето е затоа што на ЕУ ѝ треба повеќе време. Тој ми рече ‘моја стара заложба е продлабочување на ЕУ и промена на методологијата, знам дека можат да одат паралелно, вие сега сакате само отворање тоа ми е јасно‘“, кажа Пендаровски и објасни дека Макрон во ниту еден момент не му споменал дополнителни реформи, ниту законот за обвинителство како услов за отворањето преговори.

Македонскиот претседател за време на средбата инсистирал на тоа дека Северна Македонија не прифаќа никаква друга алтернатива на полноправното членство во ЕУ, со што се согласил и Макрон.

„Прецизно ми рече дека никогаш не била негова намера да ни даде алтернатива на полноправното членство, само сака да го подобри процесот, да не продуцира само бирократски успеси, а суштински неуспеси“, рече Пендаровски.

Според него, за земјава не претставува никаков проблем промената на методологијата.

„Нека ја менуваат како сакаат, ние стоиме зад принципот на реверзибилност. Дури во еден момент му реков дека и како полноправна членка кога би биле, да нѐ исклучите од членство во ЕУ, слободно направете го тоа, не ми е интерес мене да бидам членка таму, а да не бидам демократија“, изјави претседателот Пендаровски за медиумите по средбата со Макрон.

Францускиот претседател исто така најавил дека ќе ја посети Македонија во првата половина на 2020-та.

Пендаровски, освен со Макрон имаше средба и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, и со австриската канцеларка Биргит Бирлајн.

Во рамките на посетата на Пендаровски и делегацијата на Париз, неговите советници за надворешна политика и национална безбедност, Гоце Карајанов, Александар Љ. Спасов и Блерим Кољали имаа средба со советниците за надворешна политика на претседателот Макрон, Клемен Бон и Александре Адам на која што разговарале за евроинтегративниот процес, регионалната соработка и билатералните односи меѓу двете држави, со цел интензивирање на комуникацијата меѓу двата кабинети.

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе