„Зголемените бројки се последниот сигнал дека ни е потребен зајакнат одговор од институциите и сеопфатна стратегија и поддршка на жртвите на насилство“, вели Пендаровски и порачува дека е нужно секој од нас да има нулта толеранција на сите форми на родово базирано насилство, во секоја сфера - во семејствата, во училиштата, во институциите, на работните места, на интернет, во медиумите, на јавните простори.
Со ратификувањето на Истанбулската конвенција и Акцискиот план за нејзино спроведување, како што вели, направен е значаен исчекор во подобрување на институционалните механизми за превенција и заштита од родово базираното насилство, но за подобри резултати потребни се буџетска поддршка, посветеност и соработка меѓу институциите и на национално и на локално ниво
„Потребно е секој од нас да преземе одговорност. Секогаш кога сме сведоци на насилство врз жени и девојчиња или семејно насилство, наша должност, пред сѐ, како луѓе е да пријавиме и да им дадеме поддршка и помош на жртвите. Побарајте помош и пријавете насилство во полиција, во центрите за социјална работа, на СОС линиите, кај граѓанските организации, информирајте ги вашите блиски пријатели или роднини.
Ако сакаме општество на слободни и достоинствени граѓани, мора да им овозможиме на сите да имаат свое место во заедницата во која ќе се чувствуваат безбедни и сигурни.
Да се бориме против насилството врз жените и девојчињата и против сите форми на родово базирано насилство, секој ден, сите заедно“, вели Пендаровски во пораката.
Во знак на поддршка на кампањата, Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија „Вила Водно“ е осветлен во портокалова боја.