Пендаровски: Неопходни се силни и ефективни Обединети нации, реформирани и прилагодени на новата реалност

Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото, но нашата Организација може да биде ефикасна онолку колку што државите членки ќе и дозволат, порача претседателот Стево Пендаровски во видео обраќањето на форумот на високо ниво „Иднината што ја сакаме, Обединетите нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот“, што се одржа синоќа во Њујорк по повод 75-годишнината од формирањето на ОН.

„Во 1945 народите се обединија околу визијата да ги поштедат идните поколенија од ужасот на војната. Тие ги поставија темелите на новиот меѓународен поредок што во својата основа го стави и човекот, а не само државите и нивните алијанси“, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека во изминатите 75 години, Обединетите нации постигнаа многу и како камен темелник на меѓународното право и мултилатералниот систем, Организацијата ги обврзува своите членки да ги надминуваат споровите на мирен начин и да соработуваат за одржување на мирот и безбедноста.

„Обединетите нации превенираа бројни конфликти и ги ублажија последиците од многу хуманитарни кризи. Им помогнаа на многу народи преку самоопределување да го изодат патот до независност. Во изминатите децении милиони луѓе беа извлечени од екстремна сиромаштија и заштитени од насилство“, додаде Пендаровски.

Тој истакна дека преку Универзалната декларација, меѓународните пактови и конвенции, Обединетите нации го поттикнаа глобалното движење за права и слободи, за социјална правда и еднаквост и ја зајакнаа отпорноста кон катастрофи и го мобилизираа светот во борбата со климатските промени.

„Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото. Но, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите-членки ќе ѝ дозволат“, рече Пендаровски.

Според него, поради бројните препреки во нејзиното работење, во светот сѐ уште има тензии и конфликти, милиони бегалци и мигранти, неконтролирана експлоатација на природата и повреди на човековото достоинство, а кон старите се придодадоа и нови акутни проблеми како што се глобалниот тероризам, транснационалниот организиран криминал и дигиталната поделба.

„Годинава, состојбата е дополнително усложнета поради пандемијата на ковид-19. Покрај огромното страдање што го предизвикува, пандемијата ги разоткрива слабостите на нашиот меѓународен поредок и системските нееднаквости на нашиот свет. Ни остануваат само уште десет години за да ги реализираме Агендата 2030 и Парискиот климатски договор. За да ги постигнеме Целите за одржлив развој ние мора истовремено да ги ублажиме економските и социјалните последици од пандемијата. А тоа можеме да го постигнеме само преку меѓународна соработка и глобална солидарност за што ни се неопходни силни и ефективни Обединети нации, реформирани и прилагодени на новата реалност“, додаде тој.

Пендаровски истакна дека од својата независност, па до денес, Република Северна Македонија сведочеше и за придобивките и за предизвиците на Обединетите нации.

„Од корисници на првата превентивна мисија – УНПРЕДЕП, самите станавме контрибутори на повеќе мировни мисии. Благодарение на ОН решивме комплексен спор кој ја забавуваше нашата интеграција во меѓународниот поредок. Ние ќе продолжиме во духот на мултилатерализмот да ги исполнуваме нашите меѓународни обврски и да ја поддржуваме работата на Обединетите нации и нивните специјализирани агенции. Јасно е дека само ако вложуваме во светската организација ќе успееме да изградиме достоинствен свет“, истакна Пендаровски.

Форумот, организиран во рамки на 75-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, се одржа со емитување на пораки на претставници од над 180 држави и организации во салата на Генералното собрание на Светската организација, во присуство на генералниот секретар Антонио Гутереш и претставници од земјите членки на ОН.

Поради пандемијата на ковид-19, годинешната сесија се одвива без физичко присуство на светските лидери во седиштето на ОН во Њујорк.

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе