Пендаровски: Не ни треба ЕУ ако цената е да не бидеме Македонци што зборуваат македонски јазик

Ако цената е да не бидеме Македонци и јазикот што го зборувам, да не биде македонски јазик, тогаш не ни треба ЕУ, вели претседателот на Македонија Стево Пендаровски во интервјуто за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат што ќе се емитува вечерва. Тој ја коментираше Изјавата на Бугарија приложена кон заклучоците од Советот за општи работи на ЕУ, со кои беше донесена одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија.

Во врска со барањата на Бугарија во однос на македонскиот јазик Пендаровски истакна дека тоа е најригидната одредба во Декларацијата на бугарскиот Парламент.

„Јас морам да ви кажам, најискрено, кога ја прочитав по првпат, на два три пати се навраќав на таа формулација. Не можев да верувам дека во 21 век некој некому може да му спори дека неговиот јазик се нарекува така како што самиот го кодификува и го практикува со децении наназад“, истакна претседателот на државата.

Потсети дека македонскиот јазик е историски факт и е потврден на меѓународно ниво од 1974 година.

„Тогашна Југославија како членка на Обединетите нации има декларирано три официјални јазици на својата територија. Македонскиот е од тогаш влезен во номенклатурата на ОН, важи за најголемата светска организација во која членки се практично сите држави кои постојат на земјината топка. 1977, тоа што е цитирано во Преспанскиот договор, таа конференција на ОН, на која македонскиот јазик се афирмира на меѓународно ниво е 3 години подоцна, тоа само констатира нешто што е претходно гол лингвистички и практичен факт. Не би рекол политички факт. Неспорен факт е исто така, во рамки на јазичниот комплекс дека во 1946 година, втората комисија предводена од Блаже Коневски го кодификува македонскиот литературен јазик. Тоа се факти, тоа се завршени работи, тоа се факти за кои не може да се отвора дебата“, рече Пендаровски во интервјуто.

Тој го кажа својот став во однос на Декларацијата усвоена во бугарскиот Парламент.

„Постојат неколку елементи кои одат директно, не кон Преспанскиот договор, не само што се анахрони кон тенденциите во обединета Европа во последните неколку децении, туку одат директно спротивно на неколку базични постулати на нашиот договор со Бугарија. Ние таму не велиме дека во преговорите за ЕУ треба да утврдуваме етничка припадност на некој кој живеел пред 150 години. Клучниот израз употребен во тој билатерален документ е споделена историја. Не заедничка историја во која вие ќе кажете до 44-та било се бугарско, ти само треба да потпишеш… туку личности и настани, не сите до 44-та туку некои личности и некои настани кои се битни и за тебе и за мене. И за Бугарија и за Македонија“, вели Пендаровски.

Додава дека тоа е всушност споделена историја.

„Во тоа е изразот споделена историја. Тебе ти е битен и мене ми е битен и затоа го изучуваме и затоа го почитуваме. И затоа во одредени ситуации договараме и заеднички да го чевствуваме. Како за Кирил и Методиј, и порано уште пред комисијата да почне да работи, со години и години имаше бугарска делегација, македонска делегација, одеше во Ватикан итн. Ако се потпреме на тој израз кој е составен дел на билатералниот договор ние многу брзо ќе најдеме заедничко решение. Во спротивно, ако инсистираме дека до 44-та е заедничка историја, или читај само бугарска историја, немаме за што да преговараме“, нагласува Пендаровски.

Шефот на државата во интервјуто зборуваше за барањата на Бугарија и дали тие се реална пречка за усвојување на преговарачката рамка, а потоа и за одредување на датум и одржување на првата меѓувладина седница.

„Бугарската позиција или Декларацијата која е усвоена во нивниот Парламент со само четири гласа против, значи со еден севернокорејски процент, објективно кажано, и власт и опозиција застанаа зад таа позиција, ќе биде реална политичка пречка. Мислам дека сите тоа го гледаме веќе, го согледуваме. Што може да се случува наредниот месец и половина. Можам да ви кажам околу тајмингот од она што јас знам, во однос на усвојување на преговарачката рамка за нашата држава од страна на комисијата, тоа би требало да се случува веројатно некаде средината на мај, првични драфтови да излезат, значи после самитот во Загреб, кој за прв пат во историјата на ЕУ ќе биде онлајн“, нагласи шефот на државата.

Тој додаде дека во Брисел циркулира еден провизорен датум, кој не е дефинитивен – 16 јуни, кога би требало да биде крајниот рок за ЕК да излезе со свој предлог.

„Потоа ќе бараме наредните недели и политичка согласност на оваа рамка ќе биде која ќе биде предложена од комисијата. Тука е битно да знаеме, во комисијата сите преговарачки позиции и сите битни прашања се решаваат со мнозинство на гласовите, кај Европскиот совет се бара комплетен консензус, и да не заборавиме дека со новата методологија усвоена на француски предлог сите се согласија дека земјите членки мора да имаат многу посилна политичка контрола врз процесот“, посочи тој.

Пендаровски говореше и за тезите на Денко Малески за македонско-бугарските односи, за кои претседателскиот кабинет преку соопштение вчера објави дека не кореспондираат со ставовите и размислувањата на шефот на државата.

„Одамна би требало да биде зад нас времето кога советниците на премиери, претседатели и министри мораат цело време да викаат – да, шефе, да, шефе. Мене ми требаат и соработници и советници кои ќе ми кажуваат и нешто поинакво од она што е стандардизирана историска или политичка вистина или факт“, вели Пендаровски, додавајќи дека Малески е само еден од луѓето со кои се советува за надворешната политика, со кој за ова прашање имаат различни ставови.

Тој наведе кон кои вредности треба да се придржува една личност за да биде негов советник.

„Национален и државен интерес, апсолутен приоритет број еден за нас како нација и како држава е Македонија или сега Северна Македонија да биде демократија а не диктатура. Апсолутен национален и државен приоритет број еден за нас е оваа наша држава да биде целосно интегрирана во западната цивилизација, во институциите во кои се споделуваат западните демократски вредности, а не да биде дел од Движењето на неврзаните, на пример. И апсолутен приоритет е да го признаеме фактот дека Македонија или Северна Македонија, македонското општество е хетерогено во етничка и во религиозна смисла и дека секој припадник на која било етничка или религиозна заедница има исти права со мене, со тебе, со било кого. Професорот Малески по однос на овие три константи по мене барем, има една позавидна биографија и референци. Тоа ми е мене битно. Јас не можам да соработувам со луѓе кои се контра овие три основни постулати. Сите други работи, дали рекол за 1903 некоја ситуација или сега мисли поинаку, тоа е демократија и јас посакувам повеќе такви соработници и советници да имам кои ќе ми речат – претседателе, можеби овде не сте во право. Во овој дел јас мислам дека тој не е во право, и тоа јасно го кажувам во мојата изјава“, истакна Пендаровски. 

Пост-ковид училиштето е иднината што ни се случува сега. За само еден миг, таа со себе ги донесе најголемите предзвици со кои се соочува човештвото на овој век.

повеќе

Информацијата дека коронавирусот може да се пренесe преку допир со готовина, дополнително ги мотивираше луѓето да се ослободат од банкнотите. 

повеќе

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе