Пендаровски му одговори на Радев: Има потврдени историски факти дека Михајлов бил соработник на Хитлер

Претседателот Стево Пендаровски денеска му одговори на бугарскиот претседател Румен Радев со изјава дека има потврдени историски факти дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер, а тврдењето дека на територијата на Македонија имало логори во кои наводно се убиени 10.000 луѓе е лага и гола конструкција за политички цели.

„Постојат потврдени историски факти и избори кои не ги спори ниту бугарската историографија дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер. Во 1944 година по негова директна инструкција доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава. Откако не добива поддршка од локалното население рапортира назад до неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно и само тоа е доволно да го прави фашист или нацист. Во однос на квалификациите дали нацистите морале да убиваат луѓе за да бидат нацисти, не морале. Ако си следбеник на таа идеологија ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, за остварување на сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно би зборувале за воен злосторник, за убиец итн. Не велиме дека бил тоа, но неспорно бил следбеник и корисник на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време“, рече Пендаровски.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој се осврна и на тврдењата на Радев за убивањето на илјадници луѓе само затоа што се нарекувале Бугари.

„Бројката од наводно убиени 10.000 Бугари е лага, гола конструкција за политички цели. Не постои ни еден релевантен  историски извор, ни во бугарската, ни во македонската, ни во светска историографија дека 10.000 луѓе  биле убиени во концентрациони логори во тоа време кај нас. Нешто што може да влезе во таа дефиниција  на концлогор постоело во Хрватска на Голи Оток. На територијата на Македонија никогаш немало концлогори, ни тогаш, ни денес. 

Две години повторувам – ако во однос на овој спор се концентрираме предоминантно на решавање на историските контроверзи никогаш нема да се договориме. Ако се концентрираме на она што е вистински реален  критериум за влез во ЕУ-  корупцијата, владеењето на правото, борба за човекови права и слободи – брзо ќе дојдеме до заеднички прифатлива солуција.  Историјата на историчарите, актуелните проблеми денес. Ние не сме избрани на избори за да решаваме кој која националност бил во време на Самуиловото  царство туку да ги решаваме проблемите на граѓаните сега“, изјави Пендаровски.

Во врска со барањето на Софија Бугарите да се внесат во македонскиот Устав, Пендаровски одговори дека како ретко за што има политичка волја и кај власта и кај опозицијата да се прифати тоа, но останува прашањето за тајмингот и која е гаранцијата дека некоја идна бугарска влада повторно нема да бара промена на Уставот и други политички барања. Според него, еден од начините тоа да се реши е можеби преспанската формула, што значи таква отстапка да се направи откако Македонија ќе влезе во ЕУ.

Претседателот на Латвија, Егилс Левиц, пак, јасно кажа дека ваквите прашања немаат ништо со критериумите за започнување преговори на една земја со ЕУ. 

„Ако ја погледате мапата на ЕУ ќе видите многу точки каде има разлики за историјата, не само тука. Но, ЕУ не е надлежна да ги решава, па ни да дискутира за тие историски прашања. Историските  спорови треба да се стават на страна, бидејќи сегашниот не е вистински контекст за тоа. Историските разлики  не треба да се причина да се оспори капацитетот на земја кандидат да продолжи на патот кон ЕУ. Тоа е нашата позиција, а сметам дека е и на ЕУ“, изјави Левиц. 

Тој исто така додаде дека неговата земја дава силна поддршка за започнување на преговорите нагласувајќи дека сега и безбедносните причини го налагаат тоа. 

„Латвија секогаш давала поддршка за Западен Балкан заради стратешки, политички и  економски причини, а сега и заради безбедносни. ЕУ е унија на демократски држави кои размислуваат исто и тоа има реперкусии и на безбедносната состојба. Секоја земја кандидат треба да се вреднува според индивидуалниот напредок, а Северна Македонија ги исполнува критериумите и треба соодветно да биде вреднувана за тоа. Латвија е силен поддржувач на Северна Македонија во ЕУ. Се надевам дека новата состојба ќе води до поголема отвореност на ЕУ во однос на проширувањето, покрај прашањето на кредибилноста на политиката на ЕУ поради дадените ветувања“, рече тој и нагласи дека „Северна Македонија припаѓа на ЕУ“. 

Па како што велеле НЕ моите омилени македонски преродбеници од 19 век, и јас ќе кажам НЕ на овој предлог.

повеќе

Се докажува дека ЕУ интеграцијата е дијалектички процес, кој е подложен на динамика и на противтежни сили, процес кој нема да се одвива стабилно, автоматски и линеарно.

повеќе

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе