Пендаровски: Многу нешта се кажани за значењето на Конески, но во неговиот случај никогаш не е доволно

Претседателот Стево Пендаровски вечерва се обрати на свеченото одбележување на јубилеите „75 години Филолошки факултет“ и „100 години од раѓањето на Блаже Конески“ што се одржа во Македонскиот народен театар во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.

На свечениот настан, на претседателот Пендаровски му беше врачена плакета во знак на особена благодарност за континуираните напори и за придонесот во развојот на високообразовната и научната дејност, како и за несебичната поддршка и афирмација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” – Скопје во земјата и во странство.

Беше прикажана и балетската претстава „Меѓусвет“ (Убавите жени) инспирирана од поезијата на Блаже Конески чија кореографија и режија ја подготви Рисима Рисимкин.

Еве што во оваа прилика кажа во своето обраќање македонскиот претседател Стево Пендаровски:  

„Во време кога, за жал, сведочиме на пенетрацијата на пазарниот концепт во образованието, кога тенденциите на новите генерации, обликувани од глобализацијата, се фокусирани врз областите на бизнисот, менаџментот и информатичките науки, се чини уште позначајно, дури и приоритетно да се сочува и развива овој сегмент во научната и креативната дејност, бидејќи станува збор за образовен корпус што ги обединува клучните човекови мислечки потенцијали, без кои не може да се замисли нашето опстојување и во времињата сегашни и во времињата идни.

Филолошкиот факултет низ сите овие децении од своето постоење бил јадрото кое стои наспроти културата на заборавот, негирањето и тишината, промовирајќи ја културата на дијалогот. Без било каква задршка можеме да кажеме дека Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ претставува парадигма за критичката педагогија, имајќи ги на ум сите авторитети - професори, научници, студенти, јавни личности, кои во изминатите седум и пол децении посветено го граделе неговиот научен и креативен идентитет.

Филолошкиот факултет, од самите свои почетоци, до денес, покажува дека е возможно во образовните институции да опстојуваат форматите на размена на знаења, кои се флексибилни во однос на духот и потребите на времето, и низ кои се промовираат интердисциплинарни модели на академска, творечка, општествена, па дури и политичка акција. Филолошкиот факултет ја развива визијата за нужноста од проактивно, критичко и дијалошко дејствување, а тоа, најмногу ги засега двата, според мене, витални општествени сегменти: образовните и културните политики.

Дозволете ми да се навратам на оној, според кој, повеќе од заслужено е именуван Филолошкиот факултет. 100 годишнината од раѓањето на Конески ја чествувавме низ различни модалитети и со бројни ограничувања, најмногу заради пандемијата. Но, за да го оддржиме континуитетот во паметењето за оние личности кои се темелници на нашата култура, не смееме да имаме изговор за ниту еден прекин во нивното, секогаш наново, исчитување, толкување и дополнително позиционирање во современоста.

Ќе ми дозволите да споделам со вас едно мое длабоко уверување, имено, значајните општествени, културни и уметнички вертикали, не постојат само за пригодни и протоколарни одбележувања. Доколку навистина се грижиме за тоа наследство, тогаш треба постојано и посветено да го валоризираме, да го толкуваме, анализираме во согласност со актуелните социо-културни контексти. Еднаш веќе реков, но би сакал да повторам: не смееме да дозволиме културата на заборав да стане преовладувачка. И тоа најмалку заради актуелниве негирања од страна, најмногу заради нас самите.

Многу нешта се кажани и напишани за научното, книжевното и воопшто, општественото значење на Блаже Конески. Но, во неговиот случај, никогаш не е доволно. Затоа што станува збор за повеќеслоен опус во кој се наоѓаат битни толкувања на нашето минато и нашата современост. Секогаш кога зборуваме за Конески како втемелувач во сферата на филолошките, лингвистичките и хуманистичите науки, мораме да го издвоиме неговото комплексно разбирање на современоста, која ја создава во нераскинлива врска со наследеното, со народното, духовното, книжевното.

Храброст е да се оди кон нови стилски и мисловни синтези кои ќе се вклопат во поставеноста на, како што велеше Конески, „снагата на литературниот јазик“. Храброста на Конески во неговиот лингвистички и книжевен израз не е импулсивна, како што честопати знае да биде, туку почива врз длабоко промислување и стратешко и одговорно делување.

Тој верува дека јазикот не е даден еднаш засекогаш и дека мора да се има храброст, доблест и трпеливост за тој да прерасне во жив организам, кој постојано ќе се менува и збогатува, засновано врз претходно воспоставениот континуитет. И сето тоа го прави низ синергија на емоционалното и интелектуалното, една од најмоќните карактеристики на неговото творештво.

 Македонскиот народ е привилегиран да има како дел од своето културно, уметничко и научно наследство, вертикала каква што е Конески. Има неколку мисли на Агамбен што индиректно асоцираат на креациите на Конески, а кои го дефинираат како човек кој стои со двете нозе во неговото време, но, можете комотно да го поставите и во нашево, а да не изгуби ништо од својата свежина.

Имено, тој вели: „Современ може да биде единствено оној кој не допушта да биде заслепен од светлата на векот... современ е оној кој ја перцепира темнината на своето време ... и кој не престанува да го интерпретира. ... На своето време му припаѓа оној кој не се прилагодува на неговите барања, туку се обидува повеќе од кој било друг да го перцепира, сеопфатно да го согледа и разборито да го коментира.“

Токму затоа, Блаже Конески останува современ за сите времиња. И затоа немам сомнеж дека Филолошкиот факултет кој го носи неговото име, ќе остане современ и траен за сите времиња“, рече Пендаровски.

 

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе