За преговорите со Софија

Пендаровски и Заев: Нема отстапки пред Бугарија за идентитетот и јазикот

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност изјави дека по однос на евентуалните барања на Бугарија да се признае дека македонскиот јазик и народ се со бугарски корени, категорично одговори дека за такви отстапки ниту се преговара, ниту ќе се преговара и дека нема повлекување од црвените линии. „Се согласувам со претседателот Пендраровски дека нема преговори за идентитетот и јазикот. Бугарија ја признава реалноста и верувам дека работните групи ќе најдат решенија, нема нов договор, нема анекс на договорот“, изјави премиерот Заев.

На прашањето упатено до претседателот Пендаровски во врска со пишувањето на „Политико" дека Бугарија нема да ја блокира Македонија за почеток на преговорите со Европската Унија, заради постоење на можноста Софија да го признае постоењето на македонскиот јазик и идентитет, но од друга страна Скопје ќе призне дека тие се базираат на бугарски корени, шефот на државата одговори дека тој нема информација дека било воопшто дискутирано за таков можен договор.

„Тоа што можам категорично да го повторам е дека нема отстапки и нема ниту да има отстапки, ниту пак ќе има преговори за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, точка", нагласи Пендаровски.

Тој му даде можност на премиерот Зоран Заев да одговори на истото новинарско прашање.

Заев рече дека тој нема нови информации за ова прашање, ниту има информација во врска со тоа што е напишано во „Политико" или други странски медиуми.

„Се согласувам со претседателот Пендраровски дека нема преговори за идентитетот и јазикот, ниту треба да има. И јас немам нови информации. Но можам да потсетам на преговорите со Грција. Таа го призна нашето право на самоопределување и јазик. Бугарија ја признава реалноста и верувам дека ќе биде така и  дека работните групи ќе најдат решенија. Очекувам од бугарските лидери да бидат до крај конструктивни. Повторувам, нема нов договор меѓу двете земји, нема анекс на договорот. Имаме успех во одржувањето на состаноците на комисиите, најдени се решенија за 5 историски личности и периоди, водиме грижа еден за друг како земји, мислам дека така се гради пријателство. Договорот за пријателство е добра основа, ги охрабрувам комисиите да продолжат во духот на добрососедството и да најдат заеднички нитки во историјата", рече Заев.

На новинарско инсистирање дали сепак Владата би прифатила евентуален таков договор, за каков што пишува „Политико", Пендаровски одговори негативно.

„Како прво, не знаеме дали постои таков предлог, но сеедно, повторувам, за нашиот идентитет нема да дискутираме", рече Пендаровски.

Заев надоврзувајќи се на истото прашање рече дека најпрво треба да се види дали воопшто постојат такви идеи.

„Од тоа што е пренесено, важно е дека се пишува оти ќе има прва меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава“, рече Заев.

На новинарско прашање, дали доколку биде поставен таков услов, ќе прифати да признае дека македонскиот јазик извира од бугарски корени, Заев одговори:

„Не, тоа е неприфатливо“.

Пендаровски исто така одговори и на прашањето поврзано со вчерашните изјави на бугарскиот амбасадор Ангелов, според кого, Бугарија не може да отстапи од идентитетските прашања бидејќи постојат одлуки на бугарската влада и парламент.

„Бугарскиот амбасадор е официјален претставник на Бугарија и се разбира дека не може друго да се очекува од него освевн да ги застапува бугарските државни интереси. Но од нас исто така не може друго да се очекува освен да ги застапуваме нашите државни интереси и да потсетиме на нашите црвени линии. Нашата позиција е јасна, преговори за идентитет и јазик немало и ќе нема. Немало ниту за време на преспанските преговори, нема да има ниту сега. А со Преспанскиот договор добивме чиста позиција за јазикот, кој е признат од целиот свет, од 193 членки на ОН. Нема отстапување од нашите позиции, немаме резерви кон тоа прашање. Убеден сум дека бугарските раководители се сигурни на ставот дека македонскиот јазик и народ се реалност. Како ќе дојде до компромис? Како со Грција. Ќе ги сочуваме нашите позиции, дека нема да ги преминеме црвените линии", рече Пендаровски.

„Бугарскиот премиер Борисов е наш пријател, мој брат, беше овде во Скопје. Тие ја признаваат реалноста, зборуваат за македонски јазик и народ, мораме да водиме грижа за нашите позиции, а и за нивните позиции. Меѓусебното разбирање води кон реалноста, дека имаме заедничка историја, а тоа е потврдено и во учебниците. Ако бидеме паметни може заедничката историја да ја искористиме како можност да градиме иднина. Верувам дека има позитивни исчекори во работата на Комисијата, ги охрабрувам членовите како експерти да продолжат да наоѓаат решенија. Не бара Бугарија нов договор, нема потреба од анекс, а нови изјави и декларации постојат како можност. Верувам дека ќе се постигне договор. Очекувам Бугарија да продолжи да биде наш најголем поддржувач кон следниот чекор - прва меѓувладина конференција со ЕУ“, рече Заев како одговор на истото прашање.

Во однос пак, на прашањето за Гоце Делчев, за што Бугарија инсистира да се признае дека бил Бугарин, Пендаровски одговори дека не е работа на комисиите кои расправаат за историјата, да утврдуваат нечија етничка припадност.

„Ако Гоце Делчев во некои документи, во тогашен историски контекст, се изјаснил како Бугарин, ние во Македонија имаме многу документи дека тој се борел за Македонија и дека оставил аманет неговите коски да почиваат во главниот град на слободна Македонија. Тука се неговите мошти, во Скопје. Мене никој не може да ми наметнува какво е моето чувство. Моја, наша работа е како ние се изјаснуваме", рече Пендаровски.

И покрај сета надеж што се роди со објавите за докажана ефикасност на неколку кандидати за вакцини за ковид-19, има долг пат пред нас што треба да се изоди за да се дојде до универзална и лесно достапна „вакцина за луѓето“. 

повеќе

Самиот Никос Коѕијас не го почитува договорот што го потпиша со Заев и Димитров. Ќе реагира ли македонското МНР на терминологијата во неговата колумна, како што вети дека секогаш ќе реагира кога се крши Договорот од Преспа? Треба. Ама не е за верување.

повеќе

За првпат 16 врвни бизнисмени од земјите на Западен Балкан, врз основа на мерливи критериуми, ќе го следат напредокот на економските реформи во регионот и ќе го известуваат Брисел.

повеќе