несогласувања или...

Пендаровски и Заев на различни позиции, но за шефот на државата тоа е кохабитација на демократи

Последните изјави на претседателот Стево Пендаровски кои не се совпаднаа со владиниот став во однос на моралната одговорност на министерот за здравство по пожарот во модуларната болница во Тетово и ставот на претседателот за судските одлуки по сообраќајката на Зоран Милески-Кичеец, уште еднаш ги вратија на сцена шпекулациите за нови недоразбирања на релација премиер-шеф на државата. Сепак, Пендаровски како искусен политичар тоа веќе денес го демантира.

Премиерот Зоран Заев уште лани во ноември кажа дека неговата партија за претседателската функција кандидирала неискусен политичар. Заев тогаш во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС оценките на шефот на државата дека „денешната бугарска политика нема излезено од матрицата на Тодоро Живков“ ги припиша на неговото недоволно политичко искуство.

Ова беше само едно од низата несовпаѓања во политичките оценки на одредени ситуации меѓу Зоран Заев и Стево Пендаровски. А во овој период ги имаше повеќе.

Етничката припадност во личните карти беше една од тие теми. Пендаровски во интервјуто за МКД.мк рече дека лично не се согласува етничката припадност да биде во личните карти, што беше владин проект.

Во мај годинава Владата на Заев и претседателот Пендаровски не се согласија и со Законот за легализација на дивоградбите. „Преку вака формулираното законско решение се врши упад во работата на судовите и се овозможува 'затскриена' амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба", го образложи ветото на овој закон Пендаровски.

Еве што по трагедијата во Тетово за моралната одговорност пред неколку дена изјави Пендаровски: „Ако ме прашувате лично, кога не дај Боже јас би бил конкретно во таква ситуација, тие што ме познаваат го знаат одговорот. Јас не би чекал ниту секунда. Би поднел оставка од морални причини“, изјави Пендаровски.

Ова веднаш ги предизвика заштитиниците на политиките на Владата со толкување дека претседателот на државата има амбиција за лидерската позиција во СДСМ по евентуалниот пораз на Заев на локалните избори.

Пендаровски за случајот со Зоран Милески – Кичеец кажа дека ситуацијата има многу апсурди, и бара целосно испитување. „Апсурдна ситуацја од човечки и правен аспект се случи со тој што го викаат Кичеец. Не сум чул, не сум прочитал некаде во светот дека човек кој е во затвор направил сообраќајка. Барем да го возел затворското комбе, па ќе речеме дека ете работи на таа позиција. Згора на тоа бил со двајца странски државјани, тоа посебно ме интересира. Дали можеби еден од нив има и двојно државјанство. Тоа ќе биде интересно, но да оставиме истрагата да покаже“, рече Пендаровски во интервју за ТВ емисијата 360 степени.

Претходно, во април годинава, шефот на државата Стево Пендаровски даде сосема поинаква изјава од власта и за настаните од 27 април 2017 година и упадот на граѓаните во македонскиот парламент. За него осудените од 27 апирл не се терористи, што е сосема спротивно на ставот на СДСМ и на судските пресуди.

И покрај сѐ, денеска во изјава за Дојче веле Пендаровски вели дека не се нарушени односите меѓу него и Владата.

„Иако тоа треба јавноста да го проценува, мојот став е дека во изминативе 28 месеци со Владата не сме имале ниту едно разидување околу стратешките прашања - евроинтеграциите, надворешната политика, безбедноста или меѓуетничките односи. Иако во неколку наврати сме имале различни мислења за одредени законски проекти или за случаи на прекршување на правото од носители на високи функции, тоа се нормални работи кога имате кохабитација меѓу демократи. Да бидам уште попрецизен - за овие, скоро две и пол години, никогаш не сум добил ни јавна ни приватна забелешка од Владата за одредени мои изјави и постапки. Поинаку и не може да биде, затоа што со клучните луѓе во Владата, на чело со премиерот Заев се познаваме долги години, и имаме поминато ‘сито и решето’ и на улиците, и во институциите, во борбата за подобар живот“, изјави за ДВ претседателот на државата.

Како натаму ќе се развиваат односите меѓу СДСМ, нејзиниот лидер и премиер Зоран Заев и претседателот Пендаровски, кој беше нивен кандидат на претседателските избори, останува да се види.

А.Д.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе