Претседателски избори 2019

Пендаровски и Сиљановска на средба со припадници од ромската заедница

Во организација на граѓанската иницијатива „Аваја”, попладнево кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски и кандидатката за претседател поддржана ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Сиљановска-Давкова се обратија на средбата со припадници од ромската заедница.

„Во делот на политиките кои ќе ги поддржувам, ќе ги поддржам сите политики на оваа Влада и на која било друга Влада која ќе оди кон унапредување на нашите права, кон унапредување на правата на другите етнички заедници, но и на Ромите и обратно, нема да потпишам ниту еден указ за закон кој евентуално ќе води кон дискриминација на Ромите или кон дискриминација на која било етничка заедница”, истакна Пендаровски обраќајки им се на присутните.

Тој рече дека доколку го изберат него за претседател, во неговиот кабинет ќе мора да има припадници од ромската заедница.

„Прва работа што мора да биде рефлектирана во мојот кабинет ако ја добијам вашата доверба е во тој кабинет да мора да има и припадници од ромската етничка заедница, бидејќи не можам никако да замислам претседател на сите граѓани кој бара гласови од сите граѓани, а да има припадници само од едни етнички заедници, а не од сите етнички заедници”, истакна Пендаровски.

Напред, како што рече, можеме да одиме или сите заедно или нема да има среќа за никого од нас. Додаде дека политичката култура мора да биде на многу повисоко ниво за да не се случува законот да важи за едни, а да не важи за други.

„За секој политичар е недозволиво за ромските права да се говори само на Денот на Ромите. Тој ден ќе го почитуваме, но треба и сите останати 364 дена да работиме и да ги унапредуваме. Затоа очекувам во недела, на 5 мај и Ромите како и Македонците, Албанците, Србите, Турците, Власите и сите останати да дадат масовна поддршка за коцептот што води напред и да гласаат за број три да продолжиме кон ЕУ и НАТО како едно општество за сите”, порача Пендаровски.

Одговарајќи на прашање од публиката, Пендаровски рече дека мора да има посебен фонд во кој ќе се одвојуваат средства за потребите за статусот на Ромите.

Сиљановска-Давкова истакна дека во нејзината програма, родовата димензија е присутна од првиот до последниот член. Таа смета дека во Рамковниот договор во кој што во првите одредби, како што рече, се вели дека државата треба да се развива како граѓанско општество со почитување на правата на сите заедници понатаму не е развиено консеквентно.

„Постои посебно тело кое јас мислам дека е неодржливо како посебно-Агенција за заштита на правата на помалите заедници. Извинете ама во демократијата не може да има посебна заштита за помалите, а посебна заштита за поголемите заедници. Тоа е дискриминација и тоа е спротивно на членот 9 од Уставот според кој сите се еднакви меѓу останатото и без оглед на етничката припадност”, потенцира Сиљановска.

Според неа, треба да постои Министерство за односи меѓу заедниците.

„Треба да постои Министерство за односи меѓу заедниците. Добро е што конечно се сетија да го сторат тоа иако јас мислам дека има потреба но нема потреба од 26 министерства во една од најсиромашните земји. Треба радикално да се намали бројот на министерствата за да се пренасочат парите кон граѓаните, здравство, образование, социјална заштита, пензиско, инвалидско осигурување, млади”, рече Сиљановска.

Таа смета дека е време за средно образование на ромски јазик во кое сите ќе можат да се едуцираат на мајчиниот јазик.

„Треба исто така да се поработи во рамки на Филолошкиот факултет, на формирање на посебни групи за изучување на ромскиот јазик за да создадеме и педагози кои што ќе можат да предаваат во средното и во основното образование”, додаде Сиљановска.

Таа истакна дека стручноста и компетентноста се најважни во нејзината програма и рече оти ќе стори се да биде опкружена со претставници, стручни и компетентни од страна на ромската заедница. 

МИА

 

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе