„Би сакал да потсетам дека од шест земји во регионот, Црна Гора и Србија веќе со години, односно предолго преговараат, две земји односно Северна Македонија и Албанија, со години наназад чекаат да добијат датум за почеток на преговорите, а останатите две, Босна и Херцеговина и Косово, воопшто никој не ги споменува“, рече претседателот Пендаровски.
Според него, граѓаните на овие земји полека почнуваат да губат надеж дека ќе ги почувствуваме придобивките и вредностите од членството во Унијата, односно се сомневаат дека регионот на Западен Балкан ќе биде во иста ситуација како што е Турција.
На конференцијата „Балкански дијалози“Пендаровски го повтори ставот дека „Република Северна Македонија не е против нова методологија за проширувањето на ЕУ, ниту пак е против реверзибилност на процесот ако одредена земја значително назадува при процесот на преговори со Унијата“.
„Европската Унија не ѝ е потребна на нашата земја само поради пристапот кон заедничкиот пазар, туку пред сѐ, заради политичките и демократски вредности кои ги има и кои се практикуваат во земјите членки на ЕУ. Истите вредности, за жал, сѐ уште не се на задоволително ниво, ниту во Северна Македонија, ниту пак во останатите земји од регионот на Западен Балкан“, рекол Пендаровски.
Во однос на преговорите меѓу Србија и Косово тој кажал дека очекува ова прашање да се затвори со активно инволвирање на нашите западни пријатели, односно САД и ЕУ.