Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, очекува дека на ист начин на којшто на политичките партии им се враќаат запрените средства за финансирање, коишто законски им следуваат, ќе им се вратат и финансиските средства на сите институции коишто остваруваат витален јавен интерес.
Средствата беа запрени во услови на вонредна состојба заради нивно користење за справување со економските и социјалните последици од здравствената криза.
Со овој закон партиите си овозможуваат да им се вратат назад парите што им беа скратени со уредба со законска сила пролетта оваа година поради пандемијата. Пратениците без многу врева и коментари изгласаа поврат на парите. Но, наместо целосен износ, сепак, се договориле да земат за 30 отсто помали суми отколку во 2019 година. Вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии за 2020 година и за 2021 година се во висина од 0,105 отсто од вкупните приходи на буџетот, додека пред две години тие изнесуваа 0,15 отсто од Буџетот.