Охрид

Пендаровски: Eвроатлантските интеграции се клучен фактор за стабилноста на Западниот Балкан

Наша цел не е само да бидеме номинална, туку членка што ќе се грижи и за пошироките безбедносни предизвици и активно ќе ја поддржува глобалната безбедност…По поканата за членство во Алијансата земјата неспорно влезе во помирни води, но далеку сме од тоа да тврдиме дека предизвиците се зад нас. Тероризмот, верскиот екстремизам, нелегалната миграција, сајбер-нападите, хибридните војни нема да исчезнат. Свесни сме дека најефикасниот начин за справување со т.н. нетрадиционални безбедносни закани што се високо на агендата на НАТО, е заедничкото соочување со нив. Размената на информации и здружувањето на ресурсите на земјите-членки и на земјите партнери можат само да придонесат за подобро справување со предизвиците, истакна претседателот на РСМ Стево Пендаровски во обраќањето пред учесниците на работилницата на тема „Стратегиски комуникации и евроатлантските интеграции: Импликации за земјите од Западен Балкан“ што од денеска се одржува во Охрид.

Според Пендаровски, клучниот стратешки пробив што земјата го направила во сферата на безбедноста несомнено е поканата за членство во НАТО, и тоа после турбулентни години во регионот, од крвави етнички војни се до конфликтот во земјата од 2001 година, за кој забележа дека се закануваше да ја фрли земјата во бездната на меѓуетнички судир. Тука ги посочи и долгите години автократски режим зо земјата за кои рече дека ја оддалечија државата од западните и европските вредности и ја одложија евроатлантската интеграција.

Пендаровски потсети дека влезот во НАТО подразбира седење на иста маса и подеднаков глас со останатите членки, што значи дека 29 земји ќе се залагаат да ја заштитат нашата безбедност, за која нагласи дека е темел на просперитетот и на економскиот развој. Тој рече дека во својство на идна полноправна членка на Алијансата, силно го поддржува активното учество на Северна Македонија во активностите и операциите на Алијансата.

– Земјата беше цел на штетното влијание од трети страни кои сакаа да ја попречат волјата на граѓаните и да го спречат формирањето демократска влада. Тие хибридни закани и малигни влијанија ќе продолжат да бидат тука, затоа е потребно здружено и заеднички да се спротивставиме. Перспективите на евроатлантските интеграции продолжуваат да бидат клучен фактор за стабилноста и развојот на демократијата во регионот на Западниот Балкан и денес. Напредокот во однос на евроатлантските интеграции како и европската перспектива на регионот е очигледен. Убеден сум дека таа двојна интегративна агенда е вин вин ситуација и за регонот и за НАТО и ЕУ од друга страна. Свесен сум за предизвиците со кои се соочува ЕУ, меѓутоа мора да сме свесни дека регионот мора да има европска перспектива, рече претседателот Пендаровски.

Амбасадорот на САД во Скопје Кејт Мари Бирнс истакна дека самото организирање и одржување на форумот во Охрид ја демонстрира подготвеноста на Република Северна Македонија активно да придонесе во коперативната безбедност, како и во процесот за интеграција во западноевропските институции, особено во НАТО.

– Државата успева во обидите да се решат долгогодишните прашања со соседите, ги спроведува потребните реформи, ги развива институциите и тоа не само заради членство во ЕУ и НАТО, туку заради изградба на посигурно и побезбедно, попросперитетно општество. Има уште многу што треба да се направи, но минавте долг и напорен пат и тоа за кусо време што мора да се признае, рече таа, притоа признавајќи го придонесот на Северна Македонија во глобалната безбедност преку активното учество во рамки на мисиите на НАТО во светот.

Ото Граф, ДКМ на Амбасадата на Федералната ребулика на Германија во Северна Македонија , од своја страна рече дека ниту една земја од регионот не е доволно силна ниту голема да биде самостоен фактор, оттаму потребата државите од прекугранична и економска размена.

– Северна Македонија како единствена држава од регионот што ги има решено отворените прашањата со соседите, може да има важна улога во промоција на концептот за промоција на Западниот Балкан. Владеењето на правото и економската стабилност на Северна Македонија, оттаму и интересот на германските власти да ги поддржи таквите заложби како во земјата така и во регионот, рече Граф.

Што се однесува на самиот процес на зачленување на РСМ во НАТО, полковник Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО Скопје, истакна дека 19 држави-членки веќе го имаат депонирано протоколот за ратификација за членство, со очекување дека и преостанатите членки тоа ќе го сторат наскоро.

– Согласно процесот за приклучуање во НАТО, државата има преземено обврски да спроведува реформи, а дел од тоа се и реформи во судството. Тоа е процес што треба да се одвива постојано, не само до зачленувањето туку и откако ќе станете полноправна членка на Алијансата, рече тој, нагласувајќи дека постојат прашања што треба да бидат завршени до полноправно членство.

MИА

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе