Преку видео врска

Пендаровски до вработените на Инфективна: Издржете во оваа битка, сите сме со вас

Претседателот Стево Пендаровски преку видео врска разговaраше со директорката и со дел од вработените медицински лица на Инфективната клиника во Скопје кои го информирале за моменталната состојба на клиниката, за бројката на пациенти и нивната здравствена состојба, како и за сместувачките капацитети на оваа институција и за расположливиот медицински персонал.

 

„Вашата мотивираност, посветеност и пред сѐ, професионалност со која секојдневно ги извршувате обврските во оваа здравствена криза предизвикана од вирусот ковид-19, кај мене и верувам кај сите наши граѓани буди чувство на сигурност и смиреност. Ве охрабрувам да продолжите со исто темпо и пожртвуваност да се грижите за пациентите и во што поголем број целосно оздравени да ги испраќате дома кај нивните најблиски. Издржете во оваа битка, сите сме со вас“, им порачал Пендаровски.

Вработените во Инфективната клиника го запознале за високите ризици коишто ги носи нивната работа и за расположливата опрема за докторите и медицинско-техничкиот персонал на Клиниката, како неопходност и потреба во нивниот ангажман.

Тие, како што информира кабинетот на претседателот, посочиле дека имаат доволно средства и дека нивната клиника е редовно снабдувана, а целиот персонал е ангажиран максимално посветено, применувајќи ги сите мерки на заштита и строго придржувајќи се кон препораките на СЗО. Пендаровски им оддал признание во битката со опасниот вирус, бидејќи тие се првите во линијата на одбраната, на што вработените на Инфективната клиника одговориле дека се свесни за ризикот, кој е составен дел од нивната професија и увериле дека сите заеднички ќе се справиме со ова, бидејќи навремено е реагирано.

Пендаровски и соговорниците од Инфективната клиника разговарале и за личните предизвици на медицинските лица, за психо-физичкиот замор, за притисокот што го предизвикува изложувањето на висок ризик, како и за поддршката од нивните најблиски и начинот на функционирање во нивните семејства. Тој им порачал на вработените на Инфективната клиника да опстојат на високите професионални стандарди, да се чуваат себе си и да ги чуваат и се грижат за пациентите, за здравјето на нашите граѓани.

Во разговорот Пендаровски и вработените медицински лица на Инфективната клиника во Скопје упатија заедничка порака до сите граѓани за почитување на мерките и препораките, бидејќи тие се за сечие добро и дека тоа е единствениот начин за побрзо да ја надминеме оваа криза.

 

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе