Минхен

Пендаровски, Димитров и Шекеринска на Минхенската безбедносна конференција

Претседателот Стево Пендаровски од денеска до 16 февруари, во Минхен, Сојузна Република Германија, ќе учествува на 56. Минхенска безбедносна конференција.

Пендаровски во недела, 16 февруари, ќе се обрати на Минхенската безбедносна конференција, а претходно ќе говори и на тркалезната маса „Балкански дијалози“, на која е предвидено учество на Јосеп Борел Фонтелес, потпретседател на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Албин Курти, премиер на Република Косово, Еди Рама, премиер на Република Албанија, Александар Вучиќ, претседател на Република Србија и Екатерина Захариева, вицепремиер за правосудна реформа и министер за надворешни работи на Република Бугарија.

Како што соопшти неговиот кабинет, претседателот Пендаровски за време на учеството на Минхенската безбедносна конференција ќе оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот.

На 56. Минхенска безбедносна конференција е најавено учество на над 500 лидери во областа на политиката, бизнисот, академската сфера, граѓанското општество, здравствени организации, вклучувајќи над 35 шефови на држави и влади и над 100 министри за надворешни работи и за одбрана.

Во фокусот на 56. Минхенска безбедносна конференција се улогата на Западот во глобалниот свет, актуелните состојби во Европа, Кина, Русија и САД, случувањата на Медитеранот, Блискиот Исток и Јужна Азија, како и прашања поврзани со корона вирусот и со климатските промени.

И министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров е во Минхен. Веќе е најавена средбата на Димитров со неговиот колега од Грција Никос Дендиас.

Средбата на шефовите на дипломатиите ја најавија од грчкото МНР, во рамките на разговорите што Дендиас ќе ги има со неговите колеги.

Како што соопштуваат од македонското МНР, Димитров ќе се сретне и со други министри, како и со високи претставници и учесници на Минхенската безбедносна конференција, на која се очекува да се дискутираат прашања поврзани со хибридните безбедносни предизвици, одбранбената соработка, енергетската безбедност, мултилатерализмот, меѓународната трговија, транснационалната безбедност, како и предизвиците со климатските промени и иднината на Европската Унија и НАТО.

Паралелно, предвидено е министерот Димитров да учествува на повеќе сесии во рамките на конференцијата и тоа: обраќање на панел дискусијата „Нови сојузи за зголемена издржливост во европското соседство“, на тркалезната маса „Координирање, соработка, консолидирање? Придвижување на Западен Балкан напред“, како и на дебатата во организација на Охридската група на тема „Незавршена работа? Европската Унија и Западен Балкан“.

На тркалезна маса за безбедноста на Балканот, ќе учествува и министерот за надворешни работи на Грција.

Во Минхен ќе биде и министерката за одбрана на Македонија Радмила Шекеринска.

Вицепремиерката ќе говори на панелот „Нарушување на перцепцијата за подобро лидерство”.

Во рамки на конференцијата Шекеринска ќе учествува на неформалната средба на министрите за одбрана која ја организира германската министерка Анегрет Крамп-Каренбауер.

Минхенската безбедносна конференција е една од најзначајните глобални конференции посветени на безбедноста и одбраната на која оваа година ќе учествуваат над 500 светски лидери, претседатели, премиери, министри, претставници на бизнис-секторот, невладиниот сектор и академската заедница.

Минхенската безбедносна конференција, со која претседава амбасадорот Волфганг Ишингер, е форум на глобално ниво, посветен на прашањата од безбедноста, промовирањето на мирното решавање на конфликтите, меѓународната соработка и дијалог во надминувањето на безбедносните предизвици на денешнината и иднината.

Време е за коренити промени на економскиот систем во Хрватска.

повеќе

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе