Како што соопштуваат од Кабинетот на шефот на државата, претседателот Левиц ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет средба на претседателите и пленарен состанок на делегациите на Летонија и Македонија. По средбите, најавена е прес-конференција на двајцата претседатели.
Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас" во Скопје двајцата претседатели ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.
Вчера Левиц на скопскиот аеродром беше пречекан од министерот за надворешни работи Бујар Османи кој на Фејсбук објави дека во фокусот на нивите разговори биле актуелните политичко-безбедносни предизвици, како последица на руската инвазија на Украина.
„Летонија останува наш доследен поддржувач на патот кон ЕУ, со став дека отпочнувањето пристапни преговори со ЕУ е од витално значење како за нашата држава, така и за Европа. Наша намера е да пристапиме кон Иницијативата на трите мориња, чијшто актуелен претседавач е Летонија, а во која членуваат 12 држави членки на ЕУ меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското море, меѓу нив и држави без излез на море, како што е Северна Македонија“, напиша Османи.
Летонскиот претседател ќе има средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери.