Годишнина од депортацијата на Евреите од страна на фашистичка Бугарија

Пендаровски: Да се спротивставиме на обидите за ревизионизам и негирање на вистината за Холокаустот

„Мора да се спротивставиме на секој обид за ревизионизам и негирање на вистината за Холокаустот, но и на секоја форма на омраза кон различните од нас", рече претседателот на Македонија Стево Пендаровски во обраќањето на комеморативната вечер по повод одбележувањето на 79-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, на денот кога 7.144 македоски Евреи беа депортирани од страна на фашистичка Бугарија во логорот на смртта Треблинка во Полска. 

На комеморативната вечер што се одржa во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а во организација на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија Пендаровски нагласи дека холокаустот е човечка трагедија која не може да се спореди со ниту една друга од мрачната страна на нашата цивилизација.

Во своето обраќање, на кое од име на Владата присуствуваа премиерот и министерката за култура, претседателот Пендаровски истакна дека историјата нè учи дека во времиња на кризи и конфликти, популистите ги хранат луѓето со страв и гнев кон послабите и поранливите.

„Тука не зборувам само за антисемитизмот, туку и за сите други форми на омраза кон различните што се шират низ социјалните мрежи и медиуми насекаде во светот. Мора да се спротивставиме на секој обид за ревизионизам и негирање на вистината за Холокаустот, но и на секоја форма на омраза кон различните од нас", порача претседателот.

Пендаровски посочи дека тука, во Меморијалниот центар на Холокаустот се трите урни со пепел од Треблинка, во спомен на Евреите од Скопје, Битола и Штип.

„Таа пепел говори погласно од секој наш искажан збор. Ние, тука присутните, сме опкружени и со делата на израелско-македонскиот уметник Мати Грундберг. Тој е последното Еврејско дете кое се родило само неколку дена пред депортацијата, и единственото од тој период кое преживеало. Грундберг го опишува злото сликајќи го оџакот на Треблинка што ги проголтал речиси сите членови на неговото многубројно семејство.

Целта на нацистите и нивните сојузници не била само да ги убијат Евреите туку и да го избришат споменот на нивното постоење. Затоа, ние мора да се сеќаваме на жртвите на Холокаустот и да не заборавиме дека секој од тие 7.144 Евреи е човек со име и презиме, со вродено и неотуѓиво човечко достоинство.

На неодамнешниот меѓународен форум за Холокаустот во Малме, Северна Македонија се обврза во наставната програма за основното образование да вклучи содржини што ќе го адресираат антисемитизмот и негирањето на Холокаустот. Како држава се обврзавме да организираме и задолжителни посети на овој Меморијален центар од страна на сите ученици од основното и средното образование“, рече шефот на државата.

Дали има надеж после Холокаустот, го постави ова прашање Пендаровски и одговори:

„Јас сум убеден дека има. Причина за надеж се праведните меѓу народите, кои ги ризикувале сопствените животи за да спасат Евреи. Меѓу 14.000 праведници запишани во Јад Вашем е и Стојан - Богоја Силјановски, инвалид со една нога, кој имал дуќан во центарот на Битола, веднаш спроти полициската станица, кој за време на депортацијата криел осум жени Еврејки.

Втората причина за надеж се преживеаните. Евреите кои се спасија од Холокаустот станаа витален дел од антифашистичката борба. Меѓу осумте Еврејки што Богоја ги спасил беа и идните партизанки Естреја Овадија – Мара, Жамила Коломонос – Цвета, Естреја Леви – Лена, Роза Камхи Русо и Адела Фараџи – Ката.

По војната, дел од 300-те преживеани Евреи си заминаа бидејќи не можеа да живеат во испразнетите Еврејски маала, без своите најблиски, без да имаат со кого да проговорат на Ладино или на Јидиш. Многумина од нив се населија во Израел и станаа мост на пријателство меѓу нашите две држави. Но Евреите кои останаа се вклучија во обновата на Еврејската заедница и во изградбата на новосоздадената македонска држава. Изложбата „Живот" им е посветена токму ним. Тоа се луѓето благодарение на кои и денес постои активна Еврејска заедница.

Неодамна, на Ханука, истакнав дека ние сме особено горди на нашите сограѓани Евреи, затоа што тие сите нас нè потсетуваат на конечната победа на животот над уништувањето, и на сеќавањето над заборавот. Затоа, ние одбираме да се сеќаваме, за да не се повтори“.

Пендаровски нагласи дека со векови Евреите биле неразделен дел од македонскиот етнички, верски, јазичен и културен мозаик. Како почитувани еснафи, лекари, уметници и духовници, рече, тие придонеле за развој на општествениот, економскиот и културниот живот.

„Евреите заедно со македонскиот народ ги споделувале и неговите стремежи и неговите жртви во борбата за слободна држава. Сето тоа запрело на 11 март 1943 година. Статистиките се запрепастувачки. Од околу 24.000 македонски жртви во Втората светска војна речиси една третина биле Евреи. Поточно, 7.144 мажи, жени и деца кои биле насилно собрани во скопскиот Монопол и депортирани во логорот на смртта. Тие претставувале 98 проценти од вкупната македонска Еврејска заедница“, рече претседателот на Македонија.

Тој даде оценка и за систематското уништување на Евреите од страна на нацистите и фашистите:

„Водени од идеологијата на омраза и презир кон слабите и ранливите, нацистите и нивните сојузници најпрво систематски ги лишувале Евреите од нивните граѓански права. Преку антисемитски прописи ги истиснувале на маргините на општеството, потоа ги дехуманизирале, бришејќи ја човечноста и индивидуалноста на жртвите, претварајќи ги во безлична маса. Крајната логичка последица на ваквиот морален вакуум биле логорите на смртта. Треблинка бил најголемиот од нив. За само 14 месеци, од август 1942 до септември 1943 во Треблинка биле убиени 925.000 лица. Меѓу нив се и македонските Евреи“.

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски присуствуваше и на отворањето на изложбата „Живот", посветена на преживеаните Евреи кои се вклучија во обновата на Еврејската заедница и во изградбата на новосоздадената македонска држава.

Па како што велеле НЕ моите омилени македонски преродбеници од 19 век, и јас ќе кажам НЕ на овој предлог.

повеќе

Се докажува дека ЕУ интеграцијата е дијалектички процес, кој е подложен на динамика и на противтежни сили, процес кој нема да се одвива стабилно, автоматски и линеарно.

повеќе

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе